Заев и Османи на пат кон Скопје, се најавуваат одлуки на Владата


Денеска на седница на Владата ќе бидат донесени сите неопходни одлуки по страшната трагедија со автобусот на ТА „Беса транс“ кој што изгоре во Бугарија и во која загинаа најмалку 46 лица. Ова го најави министерот за надворешни работи Бујар Османи во изјава за ТВ24, во која рече дека заедно со премиерот Зоран Заев веќе се на пат кон Скопје.

Османи додаде се зајакнува капацитетот на македонската амбасада во Софија, односно конзуларниот дел со цел да им се излезе во пресрет на македонските граѓани, роднини и блиски на починатите и преживеаните кои што веќе се во Софија или допрва ќе пристигнат.

Тој апелираше да се сочекаат информациите од Владата, додавајќи дека во некои медиуми се појавиле списоци со патниците.

„Треба да ги сумираме сите информации и да ги информираме семејствата на загинатите и јавноста“, рече Османи.

Тој посочи дека со премиерот Заев и министерот за здравство Венко Филипче ги посетиле преживеаните од несреќата кои што се згрижени во болница во Софија. Станува збор за седум лица, членови на две семејства, кои како што рече Османи, се безбедни и во релативно добра здравствена состојба, односно со лесни повреди и надвор од животна опасност. Сите тие биле во задниот дел од автобусот и успеале да се спасат преку задниот прозорец.

Османи рече дека Северна Македонија и Бугарија се во постојана координација како и дека ќе се формира комисија која што треба да даде одговори за причините за оваа голема трагедија.

Воспоставена е и координација меѓу обвинителствата на двете држави и почнува сеопфатна истрага. Во Софија се и експерти од судска медицијна заради идентификација на починатите.

„Воспоставени се приоритети, пред се да се идентификуваат загинатите по што телата на починатите ќе бидат предадени на семејствата, а експертите да ја откријат причината за оваа трагедија“, рече министерот Османи за ТВ 24.