(ВИДЕО) Заев и Мицкоски во карантин, биле изложени на корона вирусот


Министерот Венко Филипче објави декалидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ,  Зоран Заев и Христијан Мицкоски се во задолжителен карантин 14 дена.

Првиот резултат од тестот на Мицкоски бил негативен, а Заев е во Струмица и резултатот ќе се знае во текот на денот.

Новинарот од една телевизија што ги заразил е во болницата „8 Септември“и е во добра состојба. Тој правел интервју неодамна и со двајцата лидери.

Прашање на ден беше кога македонски политичари ќе се изложат на опасност да се заразат од корона вирусот бидејќи за да ја држат јавноста информирана, гостуваа на многу телевизии и во многу медиуми, без притоа да користат маска и ракавици бидејќи, како и Доналд Трамп, тоа не им изгледаше „лидерски“. Во Владата во една прилика се случи и инцидент со новинар што беше тестиран предвреме на корона вирусот, испаднал негативен и дојде на брифинг.

Од вчера пак во јавноста се шпекулира со нов заболен во Агенцијата за храна и ветеринарство, каде работи брат на бизнисменот што ги зарази своите вработени, откако заедно со синот криеја дека биле во странство. Братот на бизнисменот бил преставник на АХВ во Кризниот штаб што се состанува секојдневно, така што вчера имаше повици  – и министерот Венко Филипче да се стави во самоизолација.

Такви повици имаше вчера и во Србија каде што тамошниот лидер Александар Вучиќ објави дека неговиот син е заразен од корона вирусот, без да каже дали имал со него скорешна средба.

Многу лидери во светот се заразија од корона вирусот, а Борис Џонсон заврши и на интензивна нега, но вчера беше тргнат од апаратите. За разлика од нив раководствата во Јапонија и во Словачка  дадоа пример на јавноста како треба се заштити и дека тоа што важи за граѓаните како совет, важи и за нив.

Денешната објава  само покажа колку далеку сме од пикот и од надежите дека ќе се намали рестриктивноста на мерките што се спроведуваат.