Заев и Мицкоски на средба во Собрание во вторник


Ако пратениците се вратат во собраниските клупи, тоа ќе значи и поништување на изборните дејствија (Фото: Борис Грданоски)

Планирана е средба меѓу премиерот Зоран Заев и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски во почетокот на следната седмица, пред истекот на рокот во кој треба да стапи на сила новиот закон за јавно обвинителство.

Извори од опозицискиот табор велат дека средбата би се реализирала во вторник, веднаш по Денот на независноста. Со оглед на тоа што на потребата од средба меѓу двајцата лидери укажале членовите на работните групи од власта и од опозицијата кои го усогласуваат новиот закон за јавно обвинителство, соговорници од ВМРО-ДПМНЕ велат дека состанокот најверојатно ќе биде во Собранието. Не е утврдено сѐ уште дали тоа би било тет-а-тет средба Заев – Мицкоски или на неа би учествувале и лидерите на другите парламентарни партии или членовите на работните групи.

Главна тема е законот за јавното обвинителство, со оглед на тоа што мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева истекува на 15 септември, од кога, пак, СЈО треба да влезе во составот на реовното обвинителство. Соговорници од ВМРО-ДПМНе велат дека не е исклучено да се отворат и други теми,  со оглед на, како што посочуваат, потребата да се организираат предвремени избори.

-Со оглед на тоа што во државата се спроведува рекет од страна на СЈО, а редовното обвинителство не е на нивото на задачата и не ги процесуира соодветно најургентните случаи, сметаме дека има потреба од нов закон за јавно обвинителство што ќе биде во интерес на сите граѓани – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Заев, пак, изјави предмалку дека е подготвен да организира лидерска средба за законот за јавното обвинтелство, ако има потреба од тоа.

-Очекуваме од работните групи да кажат дали има потреба за лидерска средсба. Ако тие кажат, јас сум подготвен. Целта е да се најде решение за законот за јавно обвинителство – изјави Заев.  (А.М.М.)