Заев и Касами велат дека во Полог ќе имаат двојна победа 


Двајцата лидери од коалицијата „Можеме“, Зоран Заев и Биљал Касами, денеска на повеќе средби во Полог порачаа дека очекуваат двојна победа во Тетово. На средбите во Боговиње, Милетино, Челопек, Брвеница и Желино претседателот на СДСМ изјави дека „заедно со коалицискиот партнер, Касами од Беса во изборната единица број 6 ќе имаме двојна победа“.

Тој изјави: „Ќе ги победиме и ДУИ и Алијанса за Албанците, ќе ги победиме и ВМРО-ДПМНЕ за два пати повеќе. Ги гледате, дојдоа изборите и повторно ДУИ и ВМРО ДПМНЕ пак со национализам. Зошто ДУИ 11 години не го носеше Законот за јазици, се плашеа за рејтингот и кариерата? Но, дојдовме ние и го решивме прашањето. Се лажеа насекаде граѓаните дека сите ќе изгубиме, но дали е така? Не. Добивме сите, секој има право да комуницира на својот мајчин јазик. Имавме храброст за сите одлуки што ги носевме. Ги исполнивме стратешките цели на државата, члена сме на НАТО, ги отвораме преговорите за ЕУ“, истакна Заев и им порача на граѓаните на 15 јули да дадат масовна поддршка за коалицијата „Можеме“.