Заев и Каракачанов се смирија, си закажаа кафе или ракија


По десетдневен молк бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов се приклучи на интервјуто на премиерот Зоран Заев за Канал 77, каде што остана на своите ставови што, како што нагласи, не ги сменил со децении, но со многу попомирлив тон. Интервјуто на некој начин навести дека престои пресврт во спорот меѓу Македонија и Бугарија и дека, како што посочи Заев, можно е Бугарија да го смени ставот за ветото до крајот на овој месец.

Практично и Каракачанов и Заев си го кажаа своето, но покажаа дека и со различни ставови можат да комуницираат и без навреди. Во интервјуто Каракачанов дури соопшти дека лично бил неколкупати на споменикот на убиените во Ваташа но дека во Македонија треба да има споменик и на жртви од српскиот режим. Според него, масакрот во Ваташа не се случил бидејќи населението било македонско, туку поради војувањето на државата и комунистите и укажа дека таков случај имало и во централна Бугарија каде бугарската полиција убила 12-13 деца.

„Бугарската власт и бугарскиот цар биле сојузници на Германија и на Хитлер. Тоа е историски факт. Сојузници беа и властите на Италија, режимот на Недиќ во Србија, и хрватската држава, па не ги нарекувате фашисти. Јас сум одел во Ваташа три пати. Првиот пат во 1994 година. Сум прочитал повеќе документи за Ваташа од вашите колеги. Случки како Ваташа има и во Јастребино во централна Бугарија каде бугарската полиција убива 12-13 деца и ги убива не затоа што се Македонци, туку тоа е граѓанска војна. Државата против комунистите, не против Македонците. Тоа е затоа што комунистите војувале со државата и државата против комунистите, а не против етнички Македонци или други. Ваташа е трагичен случај од нашата заедничка историја“, смета Каракачанов.

Премиерот, според Каракачанов, кажал работи што во Македонија многу граѓани ги мислат но немаат храброст заради ситуацијата да ги кажат.

Заев ги поздрави внимателните зборови на Каракачанов што ги нарече „речник на пријателство“. Прати порака до Историската комисија дека решението е низ ист факти и нив ги има во книгите.

„Знам дека Каракачанов и Борисов се за пријателство со Македонија. Каракачанов еве нема проблем и тука да зборува за македонски народ и јазик, но јас ги разбирам потребите на Бугарија дека треба да се утврдат историските факти и низ духот на пријателството тоа да се утврди и да се гради врз основа на нив иднината. Се надевам дека сѐ уште постојат шанси да изнајдеме решение и Бугарија да ја подржи Македонија за одржување на првата меѓувладина конференција. Имаме акциски план и одредени протоколи за кои разговараат двете МНР и верувам дека сето тоа низ акциониот план или патната карта, како што се нарекува во Бугарија, е одлична основа, со рокови и детали, да ги решаваме позабрзано отворените прашања. Ние можеме да бидеме многу поблиски народи и многу поблиски држави. Каракачанов имаше убав дипломатски однос во своето обраќање и ред е да возвратам така“, рече на крајот Заев, по забелешката дека очигледно му простил за навредата со „акалот“. 

„Ние сме пријатели, знаеме и во Струмица, и во Софија, и во Скопје да пиеме по една ракија, кафе или чај и низ пријателски разговор да најдеме решение и верувам дека треба така да продолжиме. И да не се донесе сега одлуката, треба да ги оставиме вратите отворени“, додаде Заев, иако Каракачанов продолжи да вади книги со историски факти.