Заев: И Исус Христос би побарал да седиме дома


Претседателот на СДСМ Зоран Заев по повод големиот христијански празник Велигден испрати честитка до православните верници.

-Како и секоја година, така и годинава, сите верници ќе му се поклониме на Севишниот човекољубец – Исус Христос, славејќи го неговото Воскресение, како празник над празниците. Како и секоја година, така и годинава, ќе се огласат црковните камбани за да ни пратат убава вест што ќе ни измами насмевки на лицата. Нивниот глас надалеку се слуша. Но годинава, како никогаш  досега, Велигден го очекуваме затечени со сериозна опасност која надвиснала над светот и нашите глави. Исправени пред ваквиот сериозен предизвик, мораме заеднички да делуваме мудро, за на крајот да излеземе како вистински победници. И Исус Христос би го побарал тоа од нас. Ако тој со смртта, смртта ја победил  и сторил триумф на животот,  можеме и ние – неговите чеда, во наша и негова чест да се заштитиме од злото што не демне, вели Заев.

Тој порачува празнувањето годинава поради пандемијата, да биде во домот со семејството.

-Да му се радуваме и да го славиме Велигден, со срца и души, а да делуваме со ум. Фокусот на сите празнувања е во домот и семејството. Нека биде така годинава, од почетокот до крајот на Христовото Воскресение. Така ќе си овозможиме, во некои следни и поубави денови, повторно да ги пречекориме праговите на божјите храмови и здрави, живи, среќни и весели да ги празнуваме сите христијански празници, вклучително и Велигден. Во овие празнични мигови, да и дадеме предност на содржината пред формата, навлегувајќи во суштината на христијанството. Да си ги прочистиме душите и да им дадеме можност на добрината и мудроста да не водат во иднината на нашите животи, порача Заев. 

Честитка до верниците упати и премиерот Оливер Христовски кој порача дека од нас годинава се очекува да ја совладаме нашата себичност, да понесеме саможртва за доброто на сите и овие денови да ги славиме во кругот на домот за да се заштитиме себеси и ближните. Во мирот и спокојството на домот да победи животот и да преминеме во нова иднина, истакнува во честитката премиерот Спасовски.

-Велигден е и празник на надежта. Годинава се соочуваме со непознат и моќен непријател, кој ги искушува нашиот и животите на нашите блиски. Но, верувам дека од празникот со кој го славиме спасението сите ќе излеземе посилни и подобри. Во овие мигови на искушенија нека Божјиот благослов, преку празникот, ни даде добро здравје и духовна сила. Христос воскресна! Навистина воскресна! Останете дома, порачува премиерот Спасовски во честитката по повод Велигден.