Заев и Харадинај: Преку политика до семејни дружби

Една година по приватната посета во Приштина на сопружниците Зоран и Зорица Заеви, претседателот на владата на Косово, Рамуш Харадинај и неговата сопруга Анита ги „вратија“ гостите и изминатиот викенд дојдоа во Струмица. Големото пријателство на двајцата премиери отскокнува од протоколарните дружења во политичките кругови, пoради што јавноста е заинтересирана да дознае од кога потекнува нивниот близок однос што резултира и со семејни дружби.
„Заедно со Анита го поздравивме нашиот личен пријател и македонски колега, Зоран Заев и неговата сопруга Зорица, со желба нашето пријателство да го рефлектираме и врз односите меѓу нашите две земји и народи“, напиша Харадинај под заедничката фотографија од Струмица.
Педесетогодишниот Харадинај, по вторпат е назначен на челната функција во владата во Приштина. Кон крајот на 2004 година кратко се задржа на премиерското место затоа што беше обвинет за воени злосторства во војната во Косово. По три години судски процес, судот во Хаг донесе ослободителна пресуда. Србија и ден–денес е лута поради тоа, па се заканува дека ќе го уапси доколку влезе на српска територија. Од друга страна, Интерпол ја повлече меѓународната потерница против него, па тој непречено се движи насекаде, освен во Србија. Повлекувањето на потерницата се случи на почетокот од 2018 година, токму пред неговото доаѓање во земјава каде учествуваше на Дигиталниот самит, седејќи со српската премиерка Ана Брнабиќ.
„Со колегата Харадинај се запиознавме пред година и половина и нашиот однос се претвори во вистинско пријателство“, вели нашиот премиер.


Харадинај се врати во премиерската фотелја на Косово во септември 2017 година. Веќе во декември, македонска делегација предводена од Заев замина во Приштина во прва официјална посета на претседател на македонска влада по прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година. Иако нашата земја беше меѓу првите што ја призна самостојната на оваа поранешна српска покраина, односите меѓу двете држави постојано варираа. Поранешниот прв човек на Владата во Скопје, Никола Груевски имаше редовни средби со косовските колеги и функционери, но никогаш не и на нивна територија.
Половина година подоцна, Заеви заминаа во приватна посета во Приштина, но тајмингот се совпадна со тригодишнината од случувањата во кумановската Дива населба, а Харадинај само што имаше најавено дека владата што ја предводи ќе им исплати по 10.000 евра на семејствата на осудените за тероризам во скопскиот Кривичен суд, поради што дел од јавноста отворено негодуваше. Дури и министерот за надворешни работи, Никола Димитров реагираше дека „одлуката на владата на Косово за издвојување на буџетски средства за финансиска поддршка на семејствата на осудените државјани на Косово не е во духот на градење европска иднина за регионот засновано на владеење на правото што е заеднички интерес на двете земји“.
Во јануари годинава, Заев со семејството поминаа да го видат Харадинај во неговиот дом во Приштина додека чекаа авион за Германија каде беа на скијање. Покрај приватните, двајцата премиери се среќаваа и на низа официјални настани.
„Нивното пријателство не е само во сферата на политиката, заедничките средби ги користат и за приватни разговори“, вели познаник на двајцата премиери.


Заев (44) знае да каже и дека при средбите за решавање на спорот за името, се спријателил и со грчкиот колега Алексис Ципрас.
Од друга страна, другарството на Заев со Харадинај воопшто не се гледа со благонаклонетост во Белград, за кого косовскиот премиер и натаму е „обичен воен злосторник“. Српскиот претседател Александар Вучиќ, неговите најблиски соработници и медиумите што му се блиски честопати знаат да се занимаваат со „симпатиите на Заев кон Албанците“. Вучиќ дојде во Скопје на инагурацијата на Стево Пендаровски за претседател, а Заев минатата недела беше во Грделица на отворањето на автопатот кон границата со Македонија што беше протолкувано како знак за затоплување на политичките односи меѓу двете земји.

Горан Адамовски