Заев и Димитров се сретнаа со Палмер и Рикер во Њујорк


Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров еостварија средба со високите претставници на Стејт Департментот на САД,
помошникот на државниот секретар Филип Рикер и специјалниот претставник
за Западен Балкан Метју Палмер – на маргините  на 74. Генерално собрание на ОН во Њујорк.

На средбата, Заев, како што соопштија од владата, истакнал дека Северна Македонија е целосно фокусирана во овој период на обезбедување датумот за старт на
преговорите со ЕУ во октомври, како и за напредок во ратификацијата на
Протоколот за пристапување во НАТО – двете стратешки цели за државата за
чие остварување САД дадоа огромен придонес. Овие цели за Северна Македонија произлегуваат и од Договорот за стратешко партнерство со САД, во кој евро-атлантските интеграции на земјата се приоритет за обезбедување на стабилноста и сигурноста на земјата, како и на регионот.

Низ разговорот била отворена и темата за продлабочување на трговската и
економската соработка на двете земји за кои, како што било речено, постојат големи
потенцијали. Претставниците на Стејт Департментот се интересирале и за актуелните политички случувања во нашата земја. Тие, како што информираат од владата, ја нагласиле нивната и поддршката на САД, во спроведувањето на
реформите, особено во делот на правната држава, владеењето на правото и
борбата против корупцијата, како прашања од важност за да се оствари
очекуваната цел – датумот за старт на преговорите со ЕУ, што е од интерес и
на САД.