Заев и Борисов си разменија писма со честитки за Велигден

Претседателите на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов, по повод Велигденските празници разменија писма со честитки за радоста од просперитетот на односите меѓу братските народи на двете земји, и со желби за здравје и благосостојба.

Во своето писмо, информираат од владината прес-служба, претседателот на Министерскиот совет на Република Бугарија Бојко Борисов изразува уверување дека тој и премиерот Заев со уште поголема сила ќе ги насочат добрината, љубовта и смирението, како дарови од Велигденскиот празник, за придобивките од заедничката европска иднина на двата братски народи.

Со честитките за празникот Велигден до премиерот Борисов и до граѓаните на пријателска Бугарија, премиерот Заев, истакнува дека историската прилика што во ист период се на чело на Владите на двата народи е можност за вградување на силна посветеност и искрена љубов во односите на двете земји за унапредување на благосостојбата на граѓаните на двете земји.

-Им посакувам мирни и убави празнични денови на граѓаните на пријателска Бугарија и нека љубовта и милосрдието на кои не учи овој празник, бидат наш животен стил секој ден, се вели во писмото на премиерот Заев до Борисов, по повод празникот Велигден.