Заев и Ахмети утре ќе го цементираат договорот


Разговорите меѓу СДСМ и ДУИ за формирање на новата влада се во завршна фаза и, според најавите, нема да се чека крајниот рок од 20 дена за имињата на новиот состав на кабинетот да му се достават на Собранието. Според соопштението на СДСМ претставници на двете партии интензивно разговарале за време на викендот за да ги постават основите за новата влада. Најавено е дека утре повторно ќе се сретнат Зоран Заев и Али Ахмети и на таа средба се очекува на одреден начин да го цементираат она што го договориле претставниците на двете партии.

„Тимовите на СДСМ и ДУИ интензивно работеа на создавање брз и темелен коалициски договор уште во првите денови од уставно определениот рок од 20 дена после добивањето на мандатот. Во разговорите кои се водат на ниво на генерални секретари постигнат е сериозен напредок по однос на речиси сите прашања кои водат до договор за Влада. Со оглед на итноста и потребата од брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата заради справувањето со здравствените и економските предизвици поврзани со Ковид-19, во текот на утрешниот ден ќе се одржи лидерска средба меѓу претседателите Зоран Заев и Али Ахмети на која се очекува конечен договор за нова, стабилна, посветена Влада со мандат од четири години“, соопштија од СДСМ.

Тие се  надеваат оти во наредните денови ќе продолжи и конститутивната седница за избор на претседател на Собранието на Македонија.

„За сите нови информации од финалето на преговорите во јавноста ќе известуваат исклучиво официјални лица или прес службите на партиите“, велат од СДСМ.