ДУИ го доби МНР, остана без МВР


Лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети денеска во 14 часот заедно со генералните секретари на партиите, Љупчо Николовски и Артан Груби, ќе одржат средба во Клубот на пратениците. На средбата се очекува конечен договор за формирање владина коалиција.

Околу отстапките и распределбата на ресорите има и контрадикторни информации.

Според информациите на Нова ТВ ДУИ во преговорите ги добиле министерствата за надворешни работи и за финансии. Досегашниот премиер Оливер Спасовски ќе се врати во Министерството за внатрешни работи (МВР) од каде ја презеде функција премиер на техничката Влада, додека Никола Димитров од МНР заминува во Министерството за правда.

Според партиски извори, извесно е дека Талат Џафери би имал нов претседателски мандат во Собранието и дека владата нема да биде предводена од премиер Албанец со полн четиригодишен или ротирачки мандат. Кадри на ДУИ ќе раководат со три од ресорите како и во претходниот мандат и со речиси исто толкав број „значајни ресори“, од кои во два ќе раководат првпат. За објавата на некои медиуми дека кадар на ДУИ ќе раководи со ресорот МВР, се тврди дека е шпекулација. Фатмир Бесими, висок партиски член на ДУИ, според неофицијалните информации ќе биде новиот министер за финансии.

Ако се следат дадените ветувања, новата влада би требало да има седум министри помалку, како што на Фејсбук објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за време на изборната кампања.Владата сега има 16 министерства и 23 министри, од кои 7 се без ресор, но имаат посебни задолженија.

СДСМ и ДУИ изминатите денови работеле на усогласување на изборните програми и распределба на одговорностите според ресори на двете партии и на создавање на четиригодишна програма за работа на идната влада, а разговорите биле во целост посветени на економијата, правдата, еднаквоста и интеграциите. Двете партии информираа дека е постигната начелна согласност во однос на распределбата на одговорностите според ресори, без да откријат детали за кадровските решенија.

СДСМ и ДУИ ги почнаа преговорите веднаш по конститутивната седница на Парламентот на 4 август, се одржаа неколку средби меѓу Заев и Ахмети. Консултации двете партии имаа и во четвртокот минатата недела, откако претходно истиот ден, шефот на државата Стево Пендаровски му го додели мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Тричасовна средба на Заев со Ахмети тогаш, во заедничко соопштение, беше оценета како конструктивна и продуктивна и на која биле постигнати основите за „напредок кон коалициски договор за нова европска Влада посветена на европските интеграции, на економијата, еднаквоста и на владеењето на правото“.

ДУИ од своја страна соопшти дека разговорите за формирање владина коалиција со СДСМ се одвиваат на различни партиски нивоа, изарувајќи уверување дека ќе дојдат до конечен договор и Влада со целосен четиригодишен мандат, која ќе биде изгласана во Собранието, ќе им служи на сите граѓани подеднакво и ќе продолжи партнерството со евроатлантските сојузници.

По договорот за нова влада се очекува претседавачот на Собранието Талат Џафери да закаже продолжение на конститутивната седница и да биде избран претседател на законодавниот дом, кој, пак, во законски утврдениот рок ќе треба да свика нова седница за избор на новиот владин кабинет.