Заев: Груевски не може да избега од казната и одговорноста


-Никој не може да избега од казната и од својата одговорност, па вклучително и Никола Груевски, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање по денешната промоцијата на Граматиката на современ ромски јазик.

-Светот е глобално село. Никој не може да избега од казната и од својата одговорност. Јас верувам дека многу брзо ќе го доживееме моментот кога секој ќе си ја отслужи казната, така и Никола Груевски, изјави  Заев.

Груевски, како што рече премиерот Заев, беше слободен граѓанин се до моментот додека судот не издаде наредба за негово донесување за издржување на казната, но  два дена претходно тој ја напушти државата.

Поранешниот премиер Никола Груевски пред речиси една година избега од земјава за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Со помош на унгарски дипломати, преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија, каде што побара и доби политички азил.

Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и побараа тој да биде екстрадиран.

Груевски е обвинет во неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство, за што Собранието му го одзеде имунитетот, а за дел од нив во отсуство му е одреден и притвор.