Заев: Али Ахмети се вртеше како „маченце“ околу Груевски


Во еден од најогнените говори за време на оваа кампања Зоран Заев вечерва од Чаир испрати пораки за многумина – од опозицијата, преку Али Ахмети, па сѐ до младите. Зборувајќи под сводовите на Музејот на современата уметност на граѓанската трибина, тој кажа што значи за него патриотизам:

„Патриот е тој што ги крева платите и пензиите. Патриот е тој што ја враќа среќата кај нашите грашани. Патриот е тој што подава рака еден на друг. Патриот е тој што го крева економскиот стандард. Патриот е тој што отвори 64.000 работни места и даде 300 отсто поголема социјална помош, згрижи 12.000 стечајци, тој што ги укина квотите за лекови и што за 40 отсто ја качи платата на лекарите. Патриот е тој што се бори за својот народ без оглед на сѐ“, рече Заев, уверувајќи дека неговата мисија не е завршена.

Тој и вечерва се обрати до Али Ахмети: „Падна едниот, сега ќе падне другиот партнер од владеењето за време на 11 години. Само целосниот пораз на вмровскиот режим може нив да ги обнови како партија, да ги европеизира“, ја оцени ДУИ во сегашнава кампања.

„Законот за јазици го донел Али Ахмети? ‘Мало сутра’. Оти не го донесе кога беше во власта заедно со Никола Груевски? Не го донесе затое што беше ‘маченце’‚ околу Груевски и немаше храброст. Требаше да се појави СДСМ и коалицијата за да се донесе овој закон“, му порача Заев на Ахмети.

Тој зборуваше и за негативната кампања на ВМРО-ДПМНЕ: „Зоран заев, па Зоран Заев. Ќе ме гледате уште четири години“. Според лидерот на СДСМ невозможно било она што го зборува опозцијата – дека тој бил виновен за сѐ, и кога бил во опозиција и сега кога неговата партија е на власт. „А нашиот политички противник немаше никаков став за ништо. Немаше одлучност за ниту едно прашање. Го повикувам Мицкоски да каже за кое прашање имал став.. Кога станавме сите да аплаудираме за НАТО, тој си ги местеше панталоните. Немаше сила да даде и аплауз за НАТО“.

Заев рече дека заврши времето на национализмот што сѐ уште го негува ВМРО-ДПМНЕ, „заврши груевизмот, зад нас е, му ставивме точка. Заврши лажниот патриотизам. Живееме во 21 век, во ера на глобализација и дигитализација“. Тој е убеден дека граѓаните ќе поддржат сериозна опција која гарантира европска иднина, ќе поддржат политичари кои носат храбри одлуки за доброто на сите, „а ние покажавме дека патот по кој чекориме е вистинскиот и по него ќе продолжиме – правда, економија, екологија, спорт, единство, пријателство. Друг пат нема, друга алтернатива нема“.

Заев најави победа, но, како што истакна, посилна и од 2016 година. Секој граѓанин, напомена, може да направи споредба како му беше до 2017 година и како му е оттогаш наваму.

Тој од Чаир упати порака и до младите – да не расмислуваат за надвор.

„Останете дома, јас ќе се борам, сите заедно ќе се бориме. Овде е предизвикот, овде ќе бидат реформите, овде ќе се европеизира државата, тука ќе се подигнуваат стандардите. Тоа е патриотизам. Сѐ што направивме досега, секој ризик и храбра одлука беше за младите, за вас, за следните генерации. Ќе создадеме амбиент кој е веќе почнат, но тој амбиент ќе биде уште поуспешен за да ги вратиме и оние што заминаа“, подвлче Заев. (Н.В.)