Заев го впери прстот кон ВМРО-ДПМНЕ: Партијата што донесе неправда сега да гласа за СЈО

Фото: Б. Грданоски

Сите политички субјекти да ги поддржат решенијата со кои се заокружуваат реформите, за конечен пораз на „заробената држава“, за борбата против криминалот и корупцијата, за општество во кое никој нема да биде привилегиран и амнестиран, порачува премиерот Зоран Заев во обраќањето до јавноста по повод последните случувања поврзани со Специјалното јавно обвинителство и Предлог-законот за Јавното обвинителство.

– Ние сме пред конечниот чекор за ослободување на правосудството од стегите на режимот кој е зад нас. Огромна е одговорноста кај политичките субјекти во оваа борба за правната држава. Но, најголема одговорност има партијата што ѝ донесе неправда на земјата и Мицкоски како прв човек на таа партија. Знам дека вие граѓаните сте изморени од политички бојкотирања и одлагања и дека барате одлучни чекори. Затоа јас ќе продолжам уште порешително да ја повикувам и убедувам опозицијата да ги поддржи реформите.

Ова е време во кое правдата стапува на сцена, време во кое не смее да има штедење во борбата против криминалот и корупцијата. Никој не е привилегиран и никој нема да биде амнестиран. Го охрабруваме Јавното обвинителство да продолжи, до последно во оваа борба, без разлика до кого ќе стигне низ истрагата.

Ова е време на конечен пораз на „заробената држава“. Ве повикувам сите да ги поддржиме решенијата со кои ги заокружуваме реформите за подобар живот во овој наш убав мозаик, во ова наше заедничко општество, наведува премиерот Зоран Заев во обраќањето до јавноста.