Заев го предизвика Мицкоски на дуел во Четвртата изборна единица


Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на претстојните предвремени парламентарни избори ќе биде носител на листата во Четвртата изборна единица која вклучува 19 општини од југоисточниот дел на земјата, вклучувајќи ја и неговата родна Струмица.

Заев вечерва на ТВ дуелот со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, го предизвика лидерот на опозицијата да ги одмерат силите во „четворката“.

Мицкоски, пак, рече дека и натаму смета дека идејата за шпицен кандидат е добра бидејќи на таков начин оној што ќе изгуби нема да може да се затскрива зад пратеничкиот мандат. Тој остави простор во наредниот период во рамки на дискусиите во партијата да одлучат како тој ќе настапи на изборите – дали како шпицен кандидат за мандатар на владата, или ќе биде носител на листа.

На крајот на дебатата, во духот на претстојниот празник Прочка, Заев и Мицкоски беа прашани дали се подготвени да побараат прошка од политичкиот противник и од граѓаните. И двајцата лидери одговорија дека во духот на христијанството се подготвени да си простат, и притоа си разменија подароци – Заев на Мицкоски му подари значка со македонското и знамето на НАТО, додека Мицкоски на Заев му подаде паричник, алудирајќи на аферата Рекет и чантата Луј Витон. Таквиот „подарок“ не беше прифатен од Заев.

Инаку, во делот на дебатата за економијата, Заев се пофали со порастот на просечната плата, минималната плата, инвестициите, и другите мерки што ги донесе владата, додека Мицкоски критикуваше за даночната политика, слабата реализација на странските и капиталните инвестиции.

Мицкоски рече дека се собрани за пет проценти помалку даноци, што беше негирано од страна на Заев кој наведе дека приходите од даноците се поголеми за 7,4 проценти. Заев рече дека го одложиле прогресивното оданочување на три години и оти по тоа прашање ќе се постават според тоа како ќе се одвива нашата конкурентност, на што Мицкоски му одговори дека власта водела комплетно погрешна даночна политика и оти во февруари ќе се види што значи за стопанството враќањето на старото решение односно рамниот данок.

Мицкоски нагласи дека странските инвестиции за кои Заев рече дека во 2018 година изнесуваа 624 милиони евра сега се намалени на 290 милиони евра, односно за двапати помалку.

„Сите состаноци што ги имаме со бизнис заедницата завршуваат со еден наратив – ве молиме да имаме предвидлива законска и фискална политика“, рече Мицкоски, забележувајќи му на Заев дека менувал даноци преку ноќ.

Заев ги претстави резултатите на Владата и истакна дека го зголемила економскиот раст од -1,8 проценти на 3,6 отсто.

„Денеска вложуваме во народот во иднината и сите тие вложувања ја зголемува просечната плата за над 4.000 денари, а минималната плата за 5.500 денари. Ние не фрламе пари за споменици туку за граѓаните“, рече Заев.

Овен раст на платите, дополни, ги намалуваме и трошоците преку укинување на радиодифузната такса, со евтината тарифа на струјата, преку намалување на трошоците, но и директно враќаме пари кај граѓаните преку мерката Мој ДДВ.

Тие спореа и околу реализацијата на проектите во патната инфраструктура и обезбедувањето финансии, при што Мицкоски забележа дека капиталните инвестиции имаат историски рекордно најниско ниво, а Заев вети изградба на 800 километри патишта со сопствени пари на државата и со кредити од ЕБОР и Светска банка.