Заев го прашал Борисов: Како тоа – сите настанале од Адам и Ева, само Македонците од Бугарите?
Зоран Заев се обидел на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов да му ја долови апсурдноста на ставот на Софија внесувајќи библиски мотиви. „ Кога сум разговарал со Бојко Борисов и ќе ме праша како го сфаќате вие тоа со корењата јас одговарав: ‘По науката сите сме настани од мајмуните, а по религијата сите сме од Адам и Ева. И како тоа само Македонците да се од Бугарите или обратно во цел свет?’“, изјави Заев денеска за „Утрински брифинг“.
Според него „проблемот со Бугарија е смешен. Тие кажуваат дека ја прифаќаат реалноста за македонскиот идентитет и јазик, но бараат да ги видат корењата“.
Тој додаде дека историско-образовната комисија треба да ги разработи сите можни аспекти и за сите историски ликови да се најде решение за тие да нѐ прават пријатели, а не да нѐ делат.
„Не се откажувам, бидејќи Европската унија нема алтернатива. Ние продолжуваме да се европеизираме дома, но не е исто сами да се европезирате и низ процесот на преговори, низ поглавјата. Низ поглавјата и кластерите доаѓаат и милиони за поддршка за да може да те мотивираат и охрабрат да покажеш навистина вредности и ефекти од реформите во државата“. кажа Заев.
Тој оцени дека бугарскиот народ на претходните избори покажа дека сака европско лидерство и лидерство кое решава проблеми.