Заев го повика ВМРО-ДПМНЕ да го поздрави усвојувањето на преговарачката рамка


Информацијата од Брисел дека ЕУ ќе го преведе целокупното европско законодавство на македонски јазик за Заев значи дека треба да престанат лагите „дека сме го загубиле јазикот“ 

 

Застанат пред носителите на изборните единици на СДСМ претседателот на партијата, Зоран Заев, утринава го повика ВМРО-ДПМНЕ „да се одважат и да го поздрават усвојувањето на предлог-преговарачката рамка на Европската комисија. Да ја поздрават и веста дека законодавството на ЕУ ќе биде преведено на нашиот македонски јазик“.  Заев зборуваше пред главниот влез на македонското Собрание, сакајќи со тоа да ја истакне важноста на веста од Европската унија за целото општество.

Тој рече дека е „нешто нормално, стандардна работа, бидејќи согласно нашата лична карта во Обединетите нации и согласно нашето право на самоопределување, нашиот јазик е македонски, а ние меѓународната комуникација ја водиме и на македонски јазик“, одговарајќи на прашање како ја толкува информацијата дека македонскиот јазик е наведен како јазик на кој треба да се преведе европското законодавство пред да станеме држава членка на ЕУ.

Според лидерот на СДСМ, „ова нека биде и апел да запрат со лагите оние кои со месеци лажеа и велеа дека ‘сме го изгубиле јазикот’. И да престанат да ни го навредуваат и омаловажуваат јазикот нарекувајќи го ‘северџански’. Ние зборуваме македонски јазик, кој полека станува дел од големото европско семејство, заедно со останатите европски јазици. Е тоа е патриотизам, тоа е грижа за татковината, за македонскиот идентитет“, рече Заев.

Утврдувањето на нацрт-преговарачката рамка за Македонија од страна на Европската комија е потврда на патот по кој чекори Македонија, оцени Заев. „Оваа вест доаѓа по  19 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, 15 години од добивањето на кандидатскиот статус, по 11 позитивни препораки за почеток на преговорите и по историската одлука на Европскиот совет за почеток на преговорите за членство на нашата земја во ЕУ на 26 март оваа година“.

Зоран Заев му се заблагодари на хрватското претседателство, во чие време беше донесена одлуката на ЕУ за почеток на преговорите со Македонија, а посебно беше задоволен што нацрт-преговарачката рамка беше усвоена на првиот ден од германското претседателство со ЕУ. Според него, прстапувањето кон ЕУ може да го води само проевропска влада, а таа влада треба да биде предводена од СДСМ и коалицијата „Можеме“. (Н.В.)