Заев го отфрли ултиматумот на Мицкоски


Фото: Б. Грданоски

Доста се веќе опструкции, кочници и блокади – изборите според законот се на 5 јули, експресно му порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на неговата прес-конференција. Христијан Мицкоски денеска постави ултиматум изборите да бидат на 15 јули или неговата партија нема да учествува на нив,но Заев вели дека нема одложување.

„Цели три години ВМРО-ДПМНЕ правеше опструкции, кочници, бојкоти. ВМРО-ДПМНЕ бараше предвремени избори, дадовме предвремени избори. Од декември наваму измислуваат изговори само да ги одложат, затоа што знаат дека граѓаните ќе ги казнат, знаат дека ќе загубат. Нема веќе бегање, нема одложување. Доста е!

Сите законски и уставни услови за одржување на изборите се исполнети. ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите кои по закон и Устав се на 5 јули. За непостапување по законите следува одговорност. Нема да дозволиме Мицкоски да ја втурне земјата во институционална криза, без Собрание и политичка влада, нема да дозволиме да биде загрозена безбедноста, сигурноста и здравјето на граѓаните.

Ние не сакаме избори без опозиција, но ако Мицкоски се одлучи на тоа, ние ќе покажеме што можеме да направиме во еден мандат без саботажи“, порача Заев на Фејсбук и со тоа најави дека СДСМ ќе оди на избори и без најголемата опозициска партија.

Според Заев, датумот за изборите не е и не може да биде ниту партиска ниту лична желба, тој е одреден од уставот и законите.

„На Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ здравјето на граѓаните воопшто не им е важно, тоа се само изговори за да нема избори. На средбата кај Пендаровски, Христијан Мицкоски не спомена ниту ‘З’ од здравје на граѓаните, ниту ‘З’ од здравство или здравствена криза. Граѓаните тоа го знаат. Токму Мицкоски шеташе по кафани и теретани, прекршуваше мерки, а неговиот министер Чулев го поткопува системот одвнатре и го загрозува здравјето на граѓаните.

Стравот од пораз на изборите не смее да биде причина на која било партија да бојкотира избори или да бара нивно одложување и со тоа да ги става во опасност и народот и државата“, напиша Заев.