Заев го определи и размерот на победата на СДСМ: од 50.000 до 120.000 гласови


Зоран Заев изгледа влезе со поголема самодоверба во последната недела од кампањата откако денеска изјави не дека коалицијата на СДСМ победува, туку дека таа ќе била со разлика од 50.000 до 120.000 гласови. Тоа е голем дијапазон за победа, па разликата во пратеници, според пресметките на лидерот на СДСМ, може да биде од шест сѐ до десет пратеници.

Во еден електрифициран говор на фудбалскиот терен во Крива Паланка, Заев ги повтори генерално изборните пледоајеа на партијата. Се чини дека во денешниот говор тој испорача повеќе страст од вообичаено, можеби и затоа дека, според сите пресметки, битката во Изборната единица 3 ќе биде најнеизвесна во државата и не може со сигурност да се предвиди кој ќе победи на Истокот или власта и опозицијата ќе освојат подеднаков број пратеници.

„Во Изборната единица 3 ќе покажеме дека политичарите кои не калкулираат со својот рејтниг, не се водат од популизам, туку напротив, му служат на својот народ и прават сѐ за својата татковина, ја заслужуваат и ја добиваат довербата на изборите“, зборуваше Заев пред многу повеќе луѓе од вообичаеното присуство на нивните собири, веројатно и затоа што просторот на фудбалскиот терен го овозможуваше тоа, иако сите беа на доволна социјална дистанца.

Заев рече дека во Тројката и во целата држава нивната понуда била составена од „чесни и одговорни личности“. „Како што им ветив и пред една година на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ги победиме со разлика од 50.000 до 120.000 гласови разлика на ниво на цела држава. Покажавме дека правиот пат нема алтернатива. Во 2018-та година им понудив заедничка влада, заедно да сработиме за доброто на нашата држава и народ, но одбија на прва. Јас им реков да размислат, но Мицкоски калкулираше со својот рејтинг. Мислеше ќе победи на избори ако Заев сам го тера европскиот пат. Е, па, нема да победи. Ќе го згазиме на избори. Ќе победат храбрите“, нагласи лидерот на СДСМ.

Тој и во Крива Паланка ги повтори основните столбови на надворешно-политичките успеси на СДСМ: „Ја исполнивме првата стратешка цел, членство во НАТО, ја остваруваме и втората со почеток на преговори за членство во ЕУ и нема да дозволиме да се враќаме назад во изолација. Денеска имаме имотен лист, имаме обезбедени граници и загарантирана безбедност со членството во НАТО. Денес нашиот идентитет е загарантиран, нашиот јазик е признаен од сите, последен доказ за тоа е потврдата од ЕУ, целото законодавство на Унијата ќе биде преведено на македонски јазик. Тоа е првиот чекор во станувањето на македонскиот јазик како еден од јазиците на Европската унија. Тоа е успех, тоа е патриотизам“.

Со слична еуфорија настапи и генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски, во својот роден град. „Овде во Крива Паланка и на целиот источен регион му одржавме лекција на ВМРО-ДПМНЕ како е да се делува патриотски, како работиме за секој граѓанин, како да бидеме достапни за сите. Како може да работиме со срце, да градиме мостови и да градиме  патишта“. Тој е убеден дека победата во Тројката ќе биде „огромна“.

Николовски зборуваше дека „Истокот беше целосно беше запоставен 11 години.  Истокот даваше поддршка на Влатко Ѓорчев, на Илија Димовски, еве сега се кандидира Игор Јанушев. Но, тие немаат една чешма направено во Крива Паланка. Немаат ништо направено за Истокот. Денеска немаме конкуреција за тоа кој ќе понуди подобри проекти, кој ќе понуди подобра и извесна иднина“, рече Николовски и го повтори својот често споменува став дека „кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ е напишана во Будимпешта“.

Во кампањата повремено учествува и министерот за здравство Венко Филипче, иако не е на кандидатските листи, па денеска зборуваше во Крива Паланка за справувањето со корона вирусот.

„Ги избегнавме многуте лоши сценарија. Сведоци сме како беше во Италија, колони на возила од брза помош не можеа да ги остават пациентите во болница, поради тоа што немаше место. Ние го избегнавме тоа, донесовме навремени димензионирани мерки. Го проценивме бројот на пациенти коишто можат да бидат дијагностицирани, ги најдовме кластерите, најдовме кој е причина за инфекција, масовно тестиравме“. Тој најави дека многу скоро ќе биде започната изградбата на новиот клинички центар, а првиот блок ќе бил готов за четири години. (Н.В.)