Заев гледа страв од избори во опозицијата


Избори ќе има кога ќе бидат обезбедени услови да бидат фер и демократски, реплицираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на интервјуто на Зоран Заев утрово, истакнувајќи дека не сака „да биде мандатар во време кога се бројат жртви од коронавирусот„. За тоа како понатаму без избори, вели очекува да се договорат на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски.

Во врска со поднесената иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на одлуката за распуштање на Собранието донесена на 16 февруари, Мицкоски вели дека и во минатото имаше таква иницијатива, но тогаш Уставниот суд ја отфрли како неоснована. За конечен став од партијата побара да се почека одлуката на Уставен.

Лидерот на СДСМ, Заев утрово за „Утрински брифинг“ изјави дека треба да се зграпчи првата можност за одржување на парламентарни избори зашто, како што вели, не се знае кога ќе има втора шанса и ја обвини опозицијата дека сака да избега од изборно соочување.

– Нема ништо поважно од здравјето на граѓаните. Но, треба да бидеме свесни сите во услови кога нема Парламент и има одложени избори,дека  кредибилитетот на владата мора да биде поткрепен од довербата на граѓаните. Фала богу бројките од корона кризата опаѓаат и треба будно да ги следиме. Но, треба да ја зграбиме првата можност за избори бидејќи не знаеме кога ќе има втора можност. Светот кажува дека есента може да има и нов бран. Ако се случи тоа, ќе влеземе во пробивање на сите уставни рокови од пренесените надлежности, изјави Заев.

Според него,  претседателот на Собранието сепак должен е да врати на иницијативата на пратениците за обновување на Собранието, макар и со писмена форма. За него „чуден“ е исто така ставот на опозицијата која не сака да биде свикано Собранието, бидејќи секаде опозицијата бара функционален Парламент, односно да ја има јавната говорница како алатка.

-Кај раководството на ВМРО-ДПМНЕ гледам страв од изборите. Немаат ставови за клучни прашања. Се обидоа се и сешто и не успееја и сега истражувања прават и  јасно им е кај се. Би ловеле во матно, би купувале време, надевајќи се дека економските последици ќе им дадат шанса за полза. Политичката кариера на Мицкоски е во прашање бидејќи тој што губи си оди. Верувам дека низ политички дијалог ќе се расчистат работите. Низ него треба да стигнеме до комфорен период кога граѓаните ќе можат да гласаат. И со тоа што опозицијата нема ставови или одбива некои работи, јасно е која им е целта. Во услови кога опозицијата не нуди алтернатива за датумот за избори, кога е против враќање на Собранието, кога изборите се распишани, кога ќе заврши вонредната состојба, ДИК е должен да го димензионира рокот. Верувам дека ќе ги најдеме решенијата да биде олабавена кризата и да имаме конкретен датум. Ќе биде тешка економската последица и треба кредибилна власт која ќе носи храбри одлуки. Ако здравствените работници, здравствените комисии оценат дека нема услови за избори, нема да има избори, но мора да бидеме одговорни, порача Заев.