Заев ги слушна ставовите на инспекторите, ставот за Пауновски ќе го каже на Влада


Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека ги чул ставовите на инспекторите, и дека ќе ги пренесе на седница на Влада, при што ќе се донесе и конечен став околу евентуалното разрешување на првиот човек на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.

„Јас ќе оставам Владата да одлучи, за да не излезе дека преку медиумите носиме одлука. Ќе ги кажам моите ставови, како и ставовите на вработените во инспекторатот, на Стојко Пауновски, а ќе ги кажам и сите аргументации на одговорно владеење, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека согласно етичкиот кодекс има плејада можности како да се постапи согласно и законските регулативи.

„Зборувам и за предлог за разрешување, и предлог на останување. Важно е да се почитува законот, одлуките, ефикасност во работењето и етички пристап во нашето делување“, изјави премиерот.

Тој исто така рече дека од ДУИ, кој е главен коалициски партнер во Владата немале никакви барања за разрешување или неразрешување на Пауновски.

„Не е дозволиво да се препукувате со премиерот преку медиумите, а да не дојдете да побарате директно помош. Тој е политички поставен на оваа функција, беше претседател на општински сојуз на СДСМ пред неколку дена. Го барав, не крена телефон. Имаме воспоставен однос, и не ни треба такво препукување. Но, каква и да биде одлуката, соработката со Пауновски ќе продолжи“, рече Заев, нагласувајќи дека станува збор за принципиелно прашање, и запраша што ќе биде ако и другите 1.179 директори не ги почитуваат владините одлуки.