Заев ги повика судиите да се ослободат од стегите на политиката и криминалот
Со марш под мотото „Чекориме за правда“ СДСМ и коалициските партнери вечерва најавија ново поглавје во реформите на правосудството, откако во неделата беше усвоен Законот за јавно обвинителство, за кој гласаа 80 пратеници. Маршот почна од пред Собранието, а заврши пред комплексот судови, кадешто регулативата, во основа, треба да се примени. Маршот беше за спроведување на правдата, а посредно го означи и почетокот на изборната кампања со многу влогови.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, изрази огромна благодарност до пратениците коишто гласаа за Законот за јавното обвинителство, за нивната храброст и одлучност да ги поддржат реформите кои гарантираат ефикасен правосуден систем, но исто така гарантираат и судска разрешница на сите започнати судски процеси и постапки иницирани од СЈО.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев во говор со зголемени емоции ги увери граѓаните дека предметите што ги почна Специјалното јавно обвинителство ќе имаат правна разрешница врз основа на фер и транспарентни постапки. На обвинетите ќе им се суди врз база на докази кои беа обезбедени низ долги постапки, за што основни индиции беа прислушуваните разговори, односно бомбите.
„Нашиот народ е жеден за правда, брза, ефикасна и правична правда. Но она што исто така е важно е тоа што со овој Закон се гарантира дека политичарите нема да можат да бираат и именуваат обвинители ниту да одлучуваат за иднината на предметите. Со ова не само што чекориме кон правда, забрзано чекориме кон интеграција во ЕУ. Даваме аргумент плус пред нашите сојузници во Унијата во обезбедување на почеток на преговорите. Покажуваме дека умееме, дека можеме да спроведуваме реформи битни за граѓаните, битни за државата, битни за европската иднина“, порача Заев и нагласи дека сега е редот на Европската Унија.
Заев потсети дека кога во 2017 година СДСМ застанал на чело на институциите, на дело виделе што значи тоа „заробена држава“, но најзаробена била правната држава.
„Остатоците на ’Сваровски судството‘ наместо делители на правдата, беа нејзини кочничари. Тие остатоци свесно оставаа постапките да се развлекуваат, делата да застаруваат и да се избегне разрешница секаде каде што може. Знаете ли кој беа единствените против Законот за јавно обвинителство? Извршителот Мицкоски, неговиот шеф Груевски и цело раководство на ВМРО-ДПМНЕ. На Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не им беше важно ништо друго освен да испорачаат амнестија за бегалецот во Будимпешта. Не им успеа!“, рече Заев.
Тој упати порака до судиите, обвинителите и сите коишто се дел од правосудниот сектор да го искористат овој момент, да се охрабрат, бидејќи Северна Македонија не смее веќе да биде заложник на лични, криминални и партиски интереси кои очигледно се уште го држат судството во заложништво. Владата и Собранието,рече Заев го направија своето, сега е редот на судиите кои треба да се охрабрат и да обезбедат правда.
„Народот бара разрешници на сите случаи! Не смее веќе судски случаи да се влечат со години. Мора да одговараат тие што чуваат во фиоки предмети, пријави и пресуди“, рече Заев и нагласи дека политиката мора да стои настрана од судството и судските процеси.
Не вечерашниот собир се обрати и пратеничката од коалициската партија НСДП, Соња Мираковска, која беше дел од работната група која го подготви Законот за јавно обвинителство. Таа нагласи дека правдата не е парола, туку е храброст, ефикасност, чесност, но пред се систем.
„Овие три години ние го поправавме системот. Системот кој беше полн со празнини. Системот кој дозволи силно да се газат човековите права, да се монтираат случаи, да им се суди на граѓани без докази“, рече Мираковска
Таа нагласи дека целта била да се донесе Законот за јавно обвинителство со консензус, но јасно било дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да биде дел од вистински реформи, туку само сака да го заштити криминалот.
Граѓанскиот активист Џабир Дерала порача дека одлуката на Собранието е јасен и недвосмислен сигнал дека правда ќе има. Тој оцени дека ВМРО-ДПМНЕ единствено биле заинтерсирани да го заштитат криминалот и да го вратат режимот.
Дерала упати порака и од СДСМ дека јавноста има разбирање за тешкотиите со кои се соочиле при преземањето на власта и при преговорите за реформите за кои била неопходна поголема поддршка во Собранието, но дека сепак очекувањата биле дека потезите во делот на правдата ќе бидат похрабри и побрзи.
„Законот за јавно обвинителство нека биде нова енергија за сите“, рече Дерала. (Н.В.)
Фото: Борис Грданоски