Заев ги повика Македонците во Албанија да гласаат за Еди Рама
Македонскиот премиер Зоран Заев ги повика сите Македонци кои се државјани на Албанија на изборите на 25 април да гласаат за Социјалистичката партија на Еди Рама и за македонскиот кандидат Васил Стерјовски, кој е член на парламентот две години.
„Ве повикувам сите да го заокружите бројот 12 на изборите на 25 април и да ја поддржите Социјалистичката партија. На списокот на Социјалистичката партија на мојот драг пријател Еди Рама исто така е и Васил Стерјовски, Македонец кој е дел од парламентот во Албанија веќе две години. Денот кога Стерјовски стана првиот македонски пратеник во албанскиот парламент беше историски. 25 април е исто така важен ден, денот кога ќе гласате како Македонци во Република Албанија за Васил да ја продолжи својата мисија да ги претставува Македонците во албанскиот парламент“, изјавил Заев како што известува порталот exit.al.
Партиите на Заев и Рама, СДСМ и Социјалистичката партија, се членки на Партијата на европските социјалисти. Премиерот Рама е критичен кон блокадата на Бугарија на македоснките аспирации за ЕУ. Пред некој ден Рама во телевизиско интервју изјави дека Бугарија ја блокира Македонија поради нејзините сопствени интереси. „Погледнете што се случува сега, кога работите се подготвени, одеднаш, Бугарија излегува и ја блокира Македонија. Зошто Бугарија ја блокира Македонија? Ја блокира за свои интереси. Ја блокира заради сопствена внатрешна динамика и ја држи Македонија во заложништво“, рече Рама.
Главната опозициска сила Демократската партија на Љуљзим Баша и поранешниот претседател Сали Бериша заедно со ВМРО-ДПМНЕ се дел од десничарската Европска народна партија. Од македонската опозиција досега не стигнала никаква назнака до Македонците во Албанија за кого да гласаат.
Македонците се едно од петте малцинства официјално признаени во Албанија, покрај Грците, Србо-Црногорците, Ромите и Ароманците. Последниот попис спроведен во 2011 година го проценува нивниот број на околу 6.000, иако некои невладини организации тврдат дека тој е поголем. (Н.В.)