Заев ги потврди новите имиња во владата: Ангеловска од „Групер“ ќе биде министер за финансии


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на СДСМ и премиер на владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, вечерва потврди дека Централниот одбор на СДСМ, на денешната седница, дека утре ќе ја предложи Нина Ангеловска, ко-основач и извршен директор на платформата „Групер“, за кандидат за нов министер за финансии.

Премиерот по денешната седница на ЦО на СДСМ најави дека утре ќе достави предлог до Собранието со новите измени во извршната власт. Заев најави дека Ангеловска ќе ја достави како предлог до Собранието која ќе го заземе местото на Драган Тевдовски.

Според него, ова е показател дека младите добиваат шанса и треба да останат во Северна Македонија и да се трудат и да работат, со што ништо не е недостижно, па така и највисоките функции во извршната власт.

„Млади работете, ангажирајте се, бидете видливи, борете се во оваа наша земја и високите позиции се достапни за сите граѓани, додаде Заев.

Заев најави и дека Елизабета Наумовска ќе биде номинирана за заменик министер за образование. Актуелниот заменик министер за економија Кире Наумов ќе ја предводи Банката за развој, а Кире Колемишевски ќе биде новиот заменик министер за економија, додека Неџат Мехмедовиќ ќе биде заменик министер за политички систем.

„Сакам да испратам порака прво дека се добива шанса за бошњачката заедница преку учество на позицијата заменик-министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Се работи за млад и перспективен кадар преку кој сакаме да испратиме порака за младите луѓе да работат, да се трудат, да бидат препознаени од државата, Владата, општеството ги препознава и дава сериозни функции. Преку Колемишевски и Наумовска испраќаме сериозна порака на стручни луѓе кои може да дадат сериозен придонес и во економијата и во Министерството за образование и наука, а секако и преку кандидатот за министер за финансии Ангеловска, која е еден од основачите на Групер, добитник на Форбс 30, доктор на економски науки од УКИМ, која во регионот и светот е позната. Верувам во нејзиното осумгодишно искуство да биде основач, да направи перспективна компанија во модерните технологии која е препознаена во целиот регион и пошироко“, истакна Заев.

На состанокот на Централниот одбор на СДСМ беа избрани и новите потпретседатели на партијата, а тоа се Коста Петров, Оливер Спасовски, Мухамед Зеќири, Мила Царовска и Дамјан Манчевски, а од овие позиции си заминуваат Петре Шилегов и Фросина Ременски.