Заев: Ги имаме сите предуслови за позитивна одлука за почеток на преговорите со ЕУ


Меркел и Макрон ја гледаат земјава како Република Северна Македонија, а не како Западен Балкан. На конференцијата на шефови на држави и влади во Берлин бевме пример што блеска, а германската канцеларка и францускиот претседател препорачаа да им помогнеме на другите, да го споделиме нашето искуство околу тоа како се успева во преговарачки процес. Секој од учесниците ја почнуваше и завршуваше дискусијата со Преспанскиот договор, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинарски прашања по редовната седница на Економско-социјалниот совет во Владата.

Заев уште еднаш повтори дека очекува позитивна одлука за почеток на преговорите ова лето, во јуни или јули, особено зашто сите четири услови кои биле од нас побарани, се веќе спроведени. Сепак, како што истакна, освен Преспанскиот договор и реформите, треба да се постигне уште дијалог и консензус во Собранието за носењето на законот за јавно обвнителство.

-Остана уште законот за јавното обвинителство кој верувам дека ќе го изгласаме веднаш по завршувањето на претседателските избори. Другите услови ги исполнивме, подвлече премиерот.

Од Берлин, како што напомена, се вратил со уште поголем оптимизам бидејќи и оние земји кои биле резервирани, го охрабриле. Тие, според премиерот, ќе си го кажат своето кога ќе дојде време.

-Четирите таргети што ни ги поставија, борбата против корупцијата и организираниот криминал,  реформите во правосудството, безбедносните структури и јавната администрација, се исполнети. Затоа сметам дека ги имаме сите предуслови да очекуваме позитивна одлука за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Најмалку што заслужуваме е позитивната одлука за добивање датум за преговори. Ако ние испорачавме и ЕУ е должна да испорача, потенцира Заев.

Дополнувајќи дека во Берлин имал билатерална средба со Меркел, а се видел и со Макрон, уште еднаш рече дека во фокусот на конференцијата било решавањето на спорот меѓу Србија и Косово.

-Ги споделив пријателски сите мои искуства од разговорите за да помогнам, зашто и ова прашање е од помош за Северна Македонија, за Западен Балкан и за Европа. Верувам дека како добар поример, со толку суперлативи, кога секој почнуваше и завршуваше дискусија со Преспанскиот договор, со примерот на Северна Македонија, со тоа што се случува овде, со отворениот дијалог меѓу власта и опозцијата, со правосудните и сите правни реформи што се напарвени за што посериозна имплементација, најмалку што заслужуваме е позитивната одлука за добивање датум за преговори, додаде Заев.