Разговорите со Алтернатива продолжуваат, Заев идната недела ќе си даде оставка во СДСМ


Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, по денешната средба со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, рече дека било разговарано за неколку проблематики за кои останува за време на викендот да размислат и во СДСМ и во Алтернатива, но и кај партнерите од владината коалиција.

„Нашата покана е Алтернатива да биде дел од Владата. Таргетот пред нас се редовни избори, а не вонредни. Продолжуваат разговорите следната седмица. Како нешто ќе утврдиме, така и ќе ја информираме јавноста“, рече Заев.

На средбата, рече Заев, му биле соопштени условите на Алтернатива под кои понатаму би продолжиле разговорите.

„Ние ќе ги информираме следната недела дали сме подготвени да ги прифатиме нивните услови или не. Сите треба да водиме грижа за европската иднина на земјата, а тоа е можно ако имаме стабилна влада и стабилно парламентарно мнозинство. Можно идно соработување ќе биде дефинирано токму врз програмски принципи. Како ќе ги разговараме и договараме, така и ќе ги соопштуваме“, изјави Заев.

Разговаравме, нагласи Заев, за многу важни работи и секако треба да ги разгледаме  во партиите, во СДСМ и Алтернатива, но и со партнерите.

„Се очекуваат отстапки од сите, не само од СДСМ, туку и од ДУИ и сите партнери во Владата. На крајот одлуката на Алтернатива може да биде да влезат, а може  да биде и да не влезат. Тоа ми е соопштено денеска на средбата. Но, одлуките се носат на органите на партијата“, рече Заев по неколкучасовната средба со Гаши во Клубот на пратениците. Според него, тоа е разбирливо бидејќи до вчера тие практично беа дел од коалицијата која покрена иницијатива за гласање на доверба на Владата и бидејќи во партијата се поделени околу тоа дали да останат опозиција или да влезат во власта. 

Дека некаква начелна подготвеност на Алтернатива сепак има да влезе во Владата, произлезе од најавата на Заев потоа дека веќе идниот вторник ќе ја поднесе оставката во партијата, нешто што го најавуваше како потег дури откако кога ќе обезбеди стабилно парламентарно мнозинство. Во вторник, според најавата на Гаши, и Централниот одбор на Алтернатива ќе решава дали да го свика Собранието кое треба да гласа за одлуката да се приклучат на владиното мнозинство. 

„Образот и достоинството се важна работа. Зборот е збор и јас ќе го одржам“, порача Заев по најавата дека во вторник ќе отвори пат да почне постапката за избор на лидер на СДСМ кој, според негова оценка, треба да биде и идниот мандатар на владата, но нагласи дека тоа ќе го одлучат членовите на партијата на непосредни избори а не тој.

Тој не пропушти и сега да повтори дека си оди со крената глава бидејќи има зад себе постигнувања, но и со горчина бидејќи не може да го сфати изборот на карпошани кои според него се најинформирани граѓани и на тие во Град Скопје по сите лаги на Данела Арсовска што им биле презентирани пред изборите. Тој притоа забележа дека до 14 декември нема да се стигне до избор на нова влада и нов мандатар на владата и затоа СДСМ треба да го искористи периодот за да го избере својот претседател. 

За тоа дали ДУИ ќе го прифати предлогот за мандатар од СДСМ, Заев рече дека владеечката партија има право  да донесе таква одлука, а Гаши додаде дека тие како Алтернатива нема да се мешаат во неа. Дали Димитар Ковачевски, актуелниот заменик-министер за финансиии е неговиот избор за лидер и мандатар, Заев не одговори директно, но нагласи дека тој е член на Извршниот одбор и актуелен функционер и дека негов личен избор е да му помага во преговорите, но кој ќе биде лидер на СДСМ ќе решат членовите на непосредни избори.  

И Заев и Гаши рекоа дека зборувале за концепт, а не за распределба на функции и кадровски решенија, освен какви би биле очекувањата и кои би биле понудите.

„Кога каниме некого во владеечкото мнозинство јасно е дека треба да им отстапиме некои места, но програмскиот дел е многу важен  бидејќи тоа што ќе го договориме ќе биде заедничка обврска“, рече Заев, споменувајќи ги извршителите, социјалните прашања, евроинтеграцијата…

„Ако сите сме за преговори со ЕУ, тој притисок и таа одговорност треба сите да ја преземеме“, рече Гаши. На новинарската забелешка дека евроинтеграцијата на која се повикува како причина да се приклучи на владиното мнозинство е под прашалник по новите закани од Бугарија, Гаши одговори дека тоа е негова интерпретација на изјави дадени по предизборен политички контекст кај нашиот сосед. Ние не решаваме, рече Гаши, дали ќе има одлука за преговори или не со ЕУ, но треба да бидеме спремни  да го прифатиме предизвикот, за да не бидеме изговор на ЕУ или на Бугарија да не го сторат тоа. Мора да сме свесни дека ова е интересен, сериозен и чувствителен момент  и дека треба да покажеме одговорност за него, рече Гаши. (С.Ј.)