Заев: ЕУ да остане на зборот и да го испорача она што и го вети на земјава


Премиерот Зоран Заев денеска уште еднаш ја повика Европската унија да остане на зборот и да го испорача она што и го вети на земјава. Ние од утре не стануваме земја-членка на ЕУ, рече Заев, туку се работи за следниот чекор – одржување на првата меѓувладина конференција.

Од новата бугарска Влада, пак, Заев очекува лидерство, одговорност и грижа за Западен Балкан, посебно грижа за нејзиниот, како што рече, прв западен сосед – Северна Македонија.

Тој верува дека одлуките на новата бугарска влада можат да ја придвижат земјава кон европеизација, а заедно со тоа и Албанија, како и да ги отворат првите меѓувладини конференции за нас, Албанија, Црна Гора и Србија.

Заев очекува „португалското претседателство да преземе конкретни чекори и со нас и со Република Бугарија“.

-ЕУ е таа што мора да донесе одлука како што ние моравме ако сакаме да одиме кон ЕУ, да ги донесеме одлуките доминантно за реформите. Покажавме европски манири и одговорност, презедовме сериозни ризици, очекуваме соодветен одговор од ЕУ. Ние овојпат со неа си имаме работа, а со Бугарија имаме билатерален Договор кој е значително реализиран. Наша обврска е да бидеме реалисти, реално да зборуваме за проблемот, без димензионирање оптимизиам, но и без непотребно вградување песимизам. Очекувам да направат исчекор и Европа конечно да остане на зборот зашто се работи за достинство. Ветија дека ќе испорачаат ако испорачаме и ние, а ние испорачавме и повеќе пред Европа да испорача. Ние сме тука. Секој пат можеме, на секој од следните чекори да застанеме ако нешто не е задоволително за која било од страните, но дефинтиивно очекувам европско лидерство, одговорност и грижа за Западен балкан, нагласи Заев, одговорајќи на новинарски прашања по увидот во градежните активности на улицата „Орце Николов“ во Општина Центар.

Според него, 26-те земји не само што даваат поддршка, туку и чувствуваат одговорност пред самите себе дека мора да направат нешто.

-Едно е јасно. Барем се расчисти дека нема раздвојување. Двете земји продолжуваат заедно, но наше е тоа што зависи од нас. Кажавме кои се нашите граници, до каде може да се оди и истовремено побаравме и очекуваме Европа да испорача, нагласи премиерот.

Заев уште еднаш потенцира дека за македонскиот јазик и идентитет нема преговори.

-Кога ќе реши Европа да ги тргне од маса, тогаш може да продолжат преговорите. Ако се на маса, да знаат граѓаните дека нема понатаму преговори, истакна премиерот.

Според него, сите лидери на ЕУ ќе направат контакти со нас и со Бугарија овој период.

-Очекувам најголем дел од премиерите и претседателите на ЕУ да исконтактираат и со нас и со ЕУ. На 22 јуни има Совет на министри каде што се носи одлука. Прокетирано е согласно претседателството на Бугарија на 23 јуни прва меѓувладина конференција. Проекциите и димензиите се одлични, само треба да биде исполнети, напомена Заев.

Тој информира дека Османи побарал средби со бугарската страна од каде е потврдено дека средби ќе се остварат.

-И јас ќе го направам истото со новиот премиер на Бугарија, ќе воспоставам контакти. Но, очекуваме португалското претседателство да преземе конкретни чекори и со нас и со Република Бугарија, рече Заев.