Заев експресно одговори на новинарските здруженија


Професионални раководства на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и националниот радиодифузен сервис, најави лидерот на СДСМ Зоран Заев на својот профил на Твитер.

Тој со ова даде одговор на едно од прашањата кои ги поставија Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ)  до политичките партии и коалиции кои ќе настапат на предвремените парламентарни избори.

-АВМУ и НРТВ ќе добијат раководства од професионалци, избрани пред цела јавност, за конечно ослободување од режимот. Мицкоски и Илија Димовски веќе нема да го кочат овој процес бидејќи СДСМ ќе освои големо мнозинство пратеници, со што слободата ќе издоминира врз принудата, напиша Заев.

Заев најави дека во накус можен рок ќе даде одговори и на другите прашања.

Прашањата до политичарите беа да кажат што за нив претставува новинарството, како планираат да го поддржат професионалното новинарство на долг рок, што ќе направат за подобрување на независноста на финансирањето на МРТВ, за подобрување на безбедноста на новинарите, за поттикнување на колективното преговарање во медиумите…