Заев: Економските политики даваат резултати, следува инвестициски циклус од пет милијарди евра

Зголемен БДП за над 40 отсто, позитивен раст на платите, намалена невработеност, вратена доверба кај инвеститорите, зголемени вложувања,…, се само некои од показателите содржани во најновата ревизија на Светската трговска организација (СТО) што покажува дека нашата економија е на добар пат, а владините политики даваат резултат, рече денеска премиерот Зоран Заев.

Заев на прес-конференција во Владата, соопштувајќи ги, како што рече, бројките и фактите објавени од СТО на 15-ти јули годинава, најави нов инвестициски циклус од пет милијарди евра.

–  Создадовме реална, силна економија. Направивме се за да ја оттргнеме економијата од бизнисот. Ревизијата на СТО е уште еден доказ дека економските политики на Владата даваат резултат. Оваа, 2019, навистина ќе биде година на економијата, потенцира Заев.

Премиерот низ бројки ги пренесе показателите содржани во ревизијата на Светската трговска организација. Меѓу другото напомена дека инвестициите се зголемени, земјава направи скок од 25 места според глобалниот инвестициски индекс, а драстичен раст бележи и извозот.

– Со посветена работа успеавме да ги стабилизираме економските текови и состојби. Компаниите растат и се развиваат, расте нивната конкурентност, се зголемуваат бруто-инвестициите, а прогрес бележи и градежништвото, истакна премиерот.

Министерот за економија Крешник Бектеши се осврна на актуелните владини мерки како борбата против сивата економија, МојДДВ…

Одговорајќи на новинарско прашање, Бектеши рече дека до крајот на годинава очекува земјава да биде дел од Спогодбата за јавни набавки со Светската трговска организација.