Заев: Едно општество за сите значи и еднаков развој на локалните самоуправи


„Едно општество значи и еднаков развој на локалните самоуправи. Тоа е нашиот концепт за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани кој дава реални резултати“, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев при денешниот увид на изградба на канализационата мрежа во Општина Арачиново. Тој нагласи дека Арачиново е пример за тоа што навистина значи концептот едно општество за сите – еднакви услови за живот и во урбаните и во руралните средини.

„Во екот на политичките промени додека некои зборуваа и ги плашеа граѓаните со федерализации и кантонизации, ние ветивме дека овде во Арачиново ќе изградиме канализација затоа што недозволиво е населено место на десеттина километри од главниот град да нема канализациона мрежа во 21 век“, рече Заев. Тој беше придружен од потпретседателите Оливер Спасовски и Мухамед Зекири, член на ЦО и министер за транспорт и врски, Горан Сугарески и градоначалничката на Општина Арачиново, Миликије Халими.

Заев истакна дека интензивно се гради канализациска мрежа во должина од 10 километри во вредност од 1,7 милиони евра обезбедени од Буџетот на Македонија, набројувајќи и други проекти кои се реализираат во Општина Арачиново, а се однесуваат на решавање на долгогодишни проблеми како обезбедување на квалитетна вода за пиење, изградба на детска градинки, реконструкција на училишта, локални патишта, нова општинска административна зграда.

Одговарајќи на новинарски прашања, Заев оптимистички рече дека законот за јавно обвинителство в понеделник ќе се најде во Собрание. Според него, забелешките од преговорите со ДУИ, независните пратеници и Алијанса за Албанците се вградени во текстот, кој утре очекува да помине на влада. Тој не прецизираше дали има обезбедено 80 гласа. Тој смета дека до среда има време и за донесување на законот и за распуштање на Собранието.

Прес конфереција денес одржа и потпретседателката на Владата за економски прашања, Мила Царовска која што рече дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја замајува јавноста заговарајќи укинување, поништување или ревидирање на Договорот од Преспа.

„Договорот од Преспа значи просперитет за државата, а заговарачите против него не си ја сакаат државата. Укинувањето што го најавува ВМРО ДПМНЕ значи укинување на нашето членство во НАТО, значи изгубени милијарди евра странски инвестиции, спречување на економскиот развој и осиромашување на граѓаните. Нема договор од Преспа нема ЕУ перспективи за нас“, рече Царовска. (Н.В.)