Заев е против смена на Талат Џафери од функцијата


Премиерот Зоран Заев е против евентуална смена на претседателот на Собранието Талат Џафери, а вели дека и СДСМ не донела таква политичка одлука.
„Политичка одлука во СДСМ, за таква работа, нема, ниту пак гледам причина. Така што, поединците, јас ги почитувам. СДСМ е демократска партија и има шареноликости. Понекогаш и во изјавите и тоа е убавината на демократијата и на слободата. Но, за да има политички став, политичкото раководство на СДСМ треба да донесе таква одлука. Лично јас сум против, изјави Заев по средбата со Стопанските комори на која се разговараше за продолжување на породилното отсуство, односно за воведување три месеци половина работно време за новите родители. 
Инаку, за смена на Талат Џафери размислува пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири.
Тој во дебата на една телевизија рече дека Талат Џафери треба побрзо да се освести што прави како претседател на Собранието, да не тера личен инает, а особено со постапките за (не)гласање за имунитетот на Трајко Вељаноски и со контрирањето на министерката Рената Дескоска за незакажување на седница за СЈО во време на изборната кампања.
„Размислувам да поднесам барање за смена на Талат Џафери од местото претседател на Собранието“, рече Зекири и додаде дека ќе го држи за збор пратеникот Антонио Милошоски, кој рече дека ќе ја поддржи таквата интерпелација доколку биде поднесена од страна на СДСМ.