Заев е оптимист за добивање датум


Премиерот Зоран Заев смета дека земјава е светол пример во регионот, дека има големи постигнувања во сферата на реформите, оти нема незатворени прашања со соседите и дека е општимист оти ќе го добиеме датумот за почеток на преговори кој долго го чекаме и го заслужуваме. Ако има индиции дека е можно добивање датум ќе продолжат активностите за реконструкција. Во спротивно, вели Заев, можни се сите опции од враќање на мандатот и предвремени избори, нова влада и преземање одговорност за недобивањето датум.

-Сите можности се отворени затоа што ова е крупно прашање. Република Северна Македонија испорача за пример сто проценти реформи, нема незатворени билатерални прашања, ние сме светол пример во регионот и доказ за моќта на привлекување на ЕУ, изјави премиерот Зоран Заев.

Соодветно на настаните, додаде тој, замолувам да оставите државата да ги изгради своите стратегиски проекции во насока на добивање на 15 години очекуваниот датум за преговори.

-Секако дел од државната стратегија се сите овие работи што се случуваат и состаноци што ги држиме и верувам, јас сум Зоран Заев оптимистот, дека ќе го добиеме датумот за преговорите, изјави премиерот.

Прашан дали е можна реконструкција на Влада или враќање на мандатот и нови избори, премиерот Заев рече дека можни се сите опции. .

-Реконструкцијата е поприлично готова од директорски до министерски места. Овие денови речиси секој час добиваме нови информации. Очекувам потврда за средба со германската канцеларка Ангела Меркел. Следната недела ќе бидам во Берлин за нашата економска агенда. Во зависност од сите информации што ги добиваме така и ќе постапуваме во делот на промените што треба да се случат во извршната власт, изјави Заев.

Посочи идека доколу е извесно ова лето  во јуни или јули да го добиеме датумот за преговорите, ќе се продолжи со реконструкцијата.

-Доколку има одложување можни се сите варијанти како што е враќање на мандатот и отворање внатрешна дебата за преземање чекори како што се предвремени избори. Другиот чекор е нова влада и третиот чекор се преземања одредена одговорност за неуспешното доделување на датумот за преговори после се што направивме, изјави премиерот Заев.