Заев е категоричен: Избори ќе има на 5 јули


Пред утрешното изјаснување на претседателот на државата околу можноста за нова вонредна состојба, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва изјави дека изборите сигурно ќе се одржат на 5 јули, онака како што налагаат Уставот и законите.

Зборувајќи во интервју на телевизијата 21 во емисијата „Клик плус“, Заев рече дека датумот може да се помести за неколку дена, на 8 јули, доколку се најде некаков договор со опозицијата. Тој рече дека со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, склучиле начелен договор изборите да се одржат на 8 јули, но дека потоа опозицијата се повлекла.

„Мицкоски бараше изборите да бидат на 15 јули, ние велевме на 5 јули, па дојдовме до решение да бидат на 8 јули, среда. Тој ден да биде неработен, кампањата ќе заврши во недела, болните и изнемоштените ќе гласаат во понеделник и вторник. Договорот беше направен, но Мицкоски побара уште еден ден и потоа се повлече. Сега не ни преостанува ништо друго освен да се спроведе уставот и законот“, објасни Заев.

Тој рече дека нема потреба од нова лидерска средба, дека на последната двете страни останале на своите позиции без доближување. Заев рече дека во државата мора да профункционира паралментот и дека не може веќе да се носи вонредна состојба за да може на Владата да ѝ се дава можност да носи уредби со законска сила.

„Донесовме три пакети економски мерки и сега треба ли уште една вонредна состојба за да може да се носат економски мерки. Тоа веќе не може така. Парламентот мора да функционира“.

Заев уште објави дека Министерството за надворешни работи денеска испратило писмо до ОБСЕ/ОДИХР во кое го известува дека изборите според законските рокови ќе се одржат на 5 јули и дека треба да ја испратат својата мисија, онака како што најавија.