Заев до Ахмети: ДУИ ја повредува интелигенцијата на народот


Фото: Б. Грданоски

Зборувајќи за идејата на Али Ахмети следниот премиер да бил Албанец, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва изјави дека тоа е „популистички, лажлив чекор на ДУИ посеан со национализам. Во него нема ништо друго. Тој е исклучително заради партиско-политички калкулации. Овој вид на кампања е лош за ДУИ. Со ваквиот вид кампања ДУИ ќе оди во опозиција и ДУИ ќе губи гласови, затоа што ја повредува интелегенцијата на нашиот народ. Не може тоа да го кажете на граѓаните, а притоа да не го детализирате и образложите“.

Според Заев, кој гостуваше на ТВ21, пораката што ја испраќа Али Ахмети и ДУИ е опасна за демократијата: „Пораката значи дека работите не зависат од граѓаните, туку од ДУИ. Не – граѓаните треба да знаат дека кој ќе биде мнозинство, кој ќе биде премиер, зависи исклучително од нив, а не ДУИ да го кажува кандидатот за премиер“.

Според него, калкулацијата на ДУИ е погрешна и дека наместо да собере гласови таа партија ќе изгуби. „СДСМ ќе победи на изборите со осум до десет пратеници пред ВМРО-ДПМНЕ. Со ваков услов на ДУИ, СДСМ нема да преговара со нив за формирање влада. Тоа значи дека ДУИ заминува во опозиција. И на крајот, после 17 години здраво е за државата ДУИ да биде опозиција, а богами здраво е и за ДУИ да биде опозиција. Граѓаните ќе одлучат кој ќе биде премиер, најмалку тоа ќе биде ДУИ“, изјави претседателот на СДСМ.