Заев: Доживеавме да инвестираме во Грција


Фото: Б. Грданоски

 Премиерот Зоран Заев на денешната седница во Собранието посветена на пратенички прашања ја најави првата директна инвестиција на земјава во Грција – нашето учество во гасниот терминал „Александрополис“.

Инвестицијата, како што рече, ќе следува консеквентно на ваквите парламентарните одлуки и одлуки на Владата кои се донесени.

– Доживеавме нашата земја да инвестира во Грција, во гасниот терминал во „Александрополис“. Инвестиција која ќе биде околу 6,5 – 7,5 милиони евра и ќе имаме 10 отсто учество, најави Заев.

Тој појасни дека Грција веќе има 25 отсто учество, учествува и Бугарија, а една американска и една грчка компанија се останатоте партнери.

Премиерот Заев рече дека учествуваме со 25 отсто учество во гасната централа на природен гас во „Александрополис“ која е 800 мегавати.

Заев информира дека планот е до 2023 година да биде пуштен гасниот терминал и гасната станица.

-Можеме еден блок комплетно да затвориме од РЕК Битола само заради оваа инвестиција, рече Заев.

Премиерот информира дека има можност да се инвестира и во гасни централи во земјава.

– До крајот на јануари ќе биде готова физибилити студијата на ТЕЦ Неготино каде ќе објавиме повик за јавно-приватно за ТЕЦ Неготино повторно да биде електрична централа, која ќе работи и ќе произведува евтина и еколошки чиста енергија, рече Заев, додавајќи дека ќе се вработуваат луѓе.

Заев рече дека очекуваат инвестиции од засега најмалку 12 заинтересирани компании. Премиерот укажа на одличната географска положба, на капацитет кој може да се искористи, има трафостаница и лесна поврзаност на мрежата.

Дополнително, Заев најави и гасна централа во Битола за што, како што рече, почнавме да преговораме со големи американски компании.