Заев: Достижно е следната година да имаме раст од 4,1 процент, Буџетот е стабилен


Премиерот Зоран Заев верува дека е достижно следната година да се постигне раст од 4,1 процент и да се стабилизира јавниот долг доколку се остварат очекувањата во април-мај полека да одминува кризата.

На денешната прес-конференција во Владата каде заедно со вицепремиерите даде отчет за сработеното во првите 100 дена, премиерот нагласи дека Буџетот е стабилен и оти приходите од најголемите даноци како што се данокот на додадена вредност, данокот на личен доход и данокот на добивка се исполнуваат соодветно на оптимистичката варијанта.

– Во првите 10-тина дена во декември имаме поголема наплата од првите 10-тина дена од декември минатата година. Во ноември имавме два-три проценти помала наплата од истиот период лани. Октомври имавме за два-три проценти поголема наплата од октомври 2019 година. Севкупниот БДП паѓа доминатно заради паѓањето на европската економија со која сме поврзани. Верувам дека ќе се справуваме соодветно. Стабилноста на буџетските приходи е евидентна, а притоа голем дел од непродуктивните трошења се реалоцирани во антикризните пакети, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање.

Очекува годината да заврши со проектираниот пад на БДП од -4,4 проценти.

– Ако 2021 година се остварат реалистичките очекувања, а тоа е некаде април-мај да одмине кризата достижно е да постигнеме раст од 4,1 процент и притоа да се вратиме на старите патеки на стабилизирање на јавниот долг и враќање под 60 проценти. Тоа се всушност и фискалните параметри. Во петгодишниот план е некаде 64,5 проценти, но 2024-2025 е да падне на 58,8 проценти. Тоа многу зависи како ќе расте БДП, односно колку ќе ги реализираме сите подготовки на инвестиции кои ги правиме, појасни Заев.

Плановите се, како што посочи, дофинансирањето да се прави и преку продажбата на одредени претпријатија во државна сопственост како што се Пошта, Железници-Транспорт, продажбата на земјоделско државно земјиште, а од сузбивањето на сивата економија се очекува да има подобрена наплата од околу 100 милиони евра.

– Немаме стравови, секако се подготвуваме во случај и на трет бран, но искрено очекувам дека вакцината ќе се случи март-април, а пандемијата на пролет ќе привршува за да можеме сето она што сега го правиме да ја дигне македонската економија со подинамично темпо од соседите, нагласи премиерот Заев.