Заев: Дојран ќе биде еколошки регион


Од Дојранското Езеро и неговата околина СДСМ ќе направи еко-регион – изјави денеска претседателот на СДСМ, Зоран Заев, при посетата на Дојран. „До 2021 ќе изготвиме мерки за санација и реконструкција на колекторот и пречистителна станица во Дојран во вредност од 60 милиони денари, а со финализација на изградбата на браната Конско ќе се обезбеди навремен дотур на вода до Дојранското Езеро. Важно е да се чува еко-средината во езерото и околу езерото, за да имаме развој на туризмот во Дојран“, рече Заев.
Лидерот на СДСМ направи увид во градежните работи за изградба на научно едукативен центар во Дојран, финансиран од ЕУ во вредност од 5 милиони евра, како и на градежните работи за партерно и хортикултурно уредување на градскиот парк во Дојран со површина 35 илјади метри квадратни и финансиска помош од ЕУ и Светска банка преку Проектот за локална и регионална конкурентност и Општина Дојран.
„Проектот Еко држава е петтиот важен столб во програмата на СДСМ и коалицијата ‘Можеме’ и првите две години од мандатот ќе бидат посветени на планско, но и интензивно зазеленување на државата“, нагласи Заев.