Заев: Дојран доби точка од историско значење – ќе привлече туристи


Фото: Б. Грданоски

Со полагање цвеќе од премиерите на Република Северна Македонија, Зоран Заев и на Република Бугарија, Бојко Борисов на споменикот на бугарскиот полковник Константин Каваrнaлиев подигнат кај Дојран, продолжи денешната посета на високата бугарска делегација и одбележувањето на две годишнината од потпишувањето на Договорот за пријателство меѓу двете држави.

Премиерот Заев истакна дека овој споменик е подигнат на истото место како и претходниот, кој бил урнат во 1966 година и тоа е направено на иницијатива на бугарскиот премиер Бојко Борисов.

-Премиерот Борисов за време на последната средба со мене кон крајот на 2018 година во Софија го отвори ова прашање и еве денес добива своја реализација. Почитта за културното и историското наследство на нашите држави е директна обврска од Договорот за пријателство. Тоа е израз на нашето пријателство и блискост. Ги негуваме и унапредуваме нашите билатерални односи. Не робуваме на стереотипите, туку градиме искрен и отворен пријателски однос. Ги славиме и почитуваме нашите особености и ја прифаќаме и чествуваме историјата која нѝ е споделена, рече премиерот Заев.

Додаде дека со обновувањето на споменикот Општина Дојран добива уште една точка од историско значење и тоа сигурно ќе привлече туристи како од Бугарија, но и од целиот балкански полуостров.

-Со тоа добиваме уште одбележје од богатата и слоевита историја на Балканот, која треба да ја почитуваме, но секако не треба да и робуваме. Треба да градиме еден нов Балкан, кој нема да биде синомим за војни и конфликти, туку пример за пријателсто, мир, стабилност, просперитет и економски развој, рече премиерот Заев.

Потенцираше дека со секоја средба меѓу претставници на двете влади се јакне пријателството, добрососедството и соработката.

-Се надевам дека сме мотивација за бизнисмените и за културните работници и за младите луѓе да соработуваат уште повеќе. Секој наш чекор, па дури и денешниот да ја почитуваме историјата на Република Бугарија, кога за време на Балканските војни херојски загинува полковник Карванлиев, бранејќи пред се цивилно население и чувајќи го грбот на својата војска, ја испраќа пораката на пркосот за слобода и социјални права тука на Балканот. Ова е дел од нашата заедничка историја со која треба да се гордееме и е мост за јакнење на нашето големо пријателство. Испраќаме порака до граѓаните на Бугарија, но и до граѓаните на Грција, на Србија, на БиХ, на Хрватска, на Словенија меѓу другите работи да го посетат овој споменик, да потрошат и некоја пара овде во Дојран, убаво туристичко место и да градат пријателство меѓу себе бидејќи на крајот тоа се европски вредности, подвлече премиерот Заев.

Претседателот на бугарската Влада се заблагодари на премиерот Заев и на градоначалникот на Дојран за подигнатиот споменик на полковник Каварналиев и истакна дека во овој регион стотина Бугари ги положиле своите животи, но и војници од многу други нации.

-Ние долги години живееме во мир и и имаме ретка прилика да ја видиме Република Северна Македонија во еден голем сојуз-во ЕУ и НАТО и тоа е една убава можност за Бугарите да дојдат да се поклонат на херојстото на нашите херои кои загинале тука, рече премиерот Борисов.

Подвлече дека е задоволен што по 13 години конечно е подигнат овој споменик на, како што рече, „еден херој кој го спасил цивилите“.

Пред новинарите се обрати и европратеникот Ангел Џамбаски, кој истакна дека на денешниот настан треба да се гледа на зближување на братските народи од двете држави кои, како што рече тој „ги дели една наложена граница“ и сака што побргу да ја види нашата држава заедно со Бугарија да чекори напред.

Инаку, станува збор за бугарски херој назначен постхумно за генерал кој во Втората балканска војна во 1913 година со помалубројна војска го извлекол населението од обрачот на грчката армија и ја добил битката во која загинува на 23 јуни 1913 година.

На денешното откривање на споменикот се обратија и градоначалникот на Дојран, Анго Ангов и амбасадорот на Бугарија во нашата држава, Ангел Ангелов, а присуствуваше и министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.