Заев: Договорот со „Макпетрол“ за гасоводот е неопходен за да се гради интерконекторот со Грција


Она што го прави опозицијата во Собранието, каде што се обидува да го блокира донесувањето на Предлог-законот за решавање на спорот помеѓу Владата и „Макпетрол“ по пат на спогодба, за премиерот Зоран Заев е „надвор од здравиот памет“.
„Во моментов во Собранието се блокирани законите за енергетска ефикасност, за земјоделските кредити кои што треба да влезат во трите откупни центри во државата и слично, што е надвор од рационалното. Но, ова што го слушнав што се разговара за гасоводот, тоа е надвор од здравиот памет“, изјави вечерва премиерот Заев во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Тој додаде дека државата смогна сили да реши проблем меѓу државата и „Макпетрол“ кој што е од 2006 година, а второ, купува и станува стопостотен сопственик на целата гасоводна мрежа во државата.
„Тоа е насушниот неопходен услов да почне да се гради интерконекторот со Грција, да добиме евтин гас, да имаме екологија во државата, да имаме поевтина енергија и да ни бидат поконкурентни компаниите, да се греат домаќинствата на повтини енергенси. Има мал милион аргументи, рече Заев.
Заев нагласи дека Европската енергетска заедница ги потврдила и парите и цените и вештачењето и вредноста на имотот…
„Таа е потписник. Писмо денеска има пуштено до парламентот. Европската енергетска заедница. И никако да се има разумност да се разговара за она што значи одговорност на секој од нас чинителите во политичкиот процес“, рече Заев.
Инаку, во Собранието вечерва продолжи дебатата за овој Предлог – закон за кој опозицијата има сериозни забелешки.
Пратениците на опозицијата сметаат дека предлог – законот е залутан во Законодавниот дом и Собранието нема ингеренции и не може да го завери договорот за купопродажба во вредност од 33 милиони евра. Според опозицијата, не може со закон да се реши спор, за кој има судска постапка. Пратениците од владеачкото мнозинство сметаат дека со овој закон државата ќе стане сопственик на гасоводот. (Н.В.)