Заев додели плакети со благодарност на пратеници од првиот состав на Собранието


Зоран Заев ѝ доделува плакета на Ѓулистана Марковска

 

Премиерот Зоран Заев, на пригодна свеченост во рамките на програмата за одбележување на 30-годишнината од независноста, на пратениците од првиот состав на повеќепартиското Собрание од 1991 до 1994 година им додели плакети со благодарност како израз на длабоката почит за нивниот исклучителен придонес во создавањето и развојот на нашата независна и суверена држава.

Во своето обраќање на свеченоста, Заев истакна дека благодарницата е признание и за Декларацијата за самостојност, за одлуката за распишување на референдумот, за воведувањето на плурализмот, за воспоставувањето на новите демократски институции, за изборот на првата демократска влада, за првиот Устав на независната држава и за севкупната посветеност на изградбата на нашата заедничка татковина.

„Вие, пратениците од првиот состав на повеќепартиското Собрание сте креаторите на новата демократска и социјална држава којашто беше основана врз начелата на парламентарната демократија, на поделбата и независноста на трите власти, на владеењето на правото, на пазарната економија и на неприкосновеноста на приватната сопственост. Според сите стандарди на современите демократски држави“, рече Заев на настанот во Свечената сала на Владата.

Во име на пратениците на свеченоста во Владата се обратија Ѓулистана Марковска и Мухамед Халили. Марковска истакна дека без разлика на различната партиска припадност, пратениците од генерацијата 1991-1994 година имаа една заедничка ѕвезда водилка – иднината на Македонија како независна и просперитетна држава.

Пратеникот Халили нагласи дека првиот пратенички состав во плуралното Собрание има исклучителен придонес во хармонизирањето на меѓуетничките односи и во унапредувањето на правата на малцинските заедници кои беа остварени со поддршка на целиот народ во земјата.