Заев: До средината на месецов ќе има договор за СЈО


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Зоран Заев очекува Собранието до средината на месецов да го изгласа законот за јавно обвинителство со кој се решава и статусот на Специјалното обвинителство. Заев најави дека од понеделник лично  тој ќе се вклучи во процесот за да се обезбеди поддршка  од опозицијата и законот да се изгласа со двотретинско мнозинство.

„Од 6-ти натаму подготвен сум и јас да се вклучам, но прво министерката за правда. Ќе ги допрецизираат сите детали околу разговорите. Целта е ако можеме некаде до 10-ти или 15-ти да завршиме, би било добро бидејќи извештајот на Европската комисија се затвора“, рече премиерот Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека уште нема компромис за СЈО. Преговорите стагнираа за време на изборната кампања и првиот круг на претседателските избори. Иако имаше најави дека по празниците работната група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги достави новите предлози за незавршените истраги државниот обвинител Љубомир Јовевски да решава кај кои јавни обвинители ќе бидат распределени, од партијата велат дека работат на анализи.

„Сè уште нема компромис помеѓу двата преговарачки тима и се уште се работи на анализи и дополнителни преговори. Очигледно е дека постои волја кај двата тима да се изнајде решение кое би било според европските теркови. Во дискреција се преговара, разговара и се работи. Му даваме шанса на процесот да се одвива и понатаму, така што во наредниот период ќе имаме нови информации кои ќе можеме да ви ги доставиме на медиумите“, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ. Главна кочница за договор се неколкуте актуелни случаи кои ги води Катица Јанева, пред сè случајот „Талир“ во кој, според опозицијата, постои опасност да се наштети на нејзиното натамошно функционирање.

Фото: Б. Грданоски