Заев до Мизрахи: Можам да бидам 10 пати поголем квази патриот од вас


Кој ги убил македонските Евреи, кој ги тепал и отепал Мирче Ацев и Страшо Пинџур и редица други настани од времето на фашистичката окупација на Македонија беа повод за остра и квалитетна дебата во Собранието за време на денешните пратенички прашања. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, го предизвика Зоран Заев околу неговите ставови за односите со Бугарија, што на крај резултираше со можеби едно од најдобрите обраќања на премиерот во последнава година.

Излегувајќи на говорницата, Мизрахи со себе носеше десетина фотографии на членовите на нејзиното пошироко семејство кои својот живот го завршија во озлогласениот нацистички логор Треблинка, а претходно собрани од бугарската окупациска војска во Македонија. Таа, покажувајќи фотографии од Пинџур, Ацев и Благој Јанков – Мучето го запраша премиерот „дали тие беа тепани и убиени со пенкало или со оружје од бугарскиот фашистички окупатор?“

Одговорот на Заев беше повеќе пледоаје за неговата политика не само за односите со Бугарија, годините на окупацијата, туку и за концепциите за иднината. „Покажувајќи слики на мои македонски херои, мои македонски сограѓани, кои за време на фашистичката окупација ги изгубија своите животи вие се трудите веројатно да ме поврзете со тоа што го зборувате, но преку вашите зборови вие исполнувате само ваш личен политички интерес. Вие немате злоба во тоа, затоа што сте од семејство кое страдало за време на фашизмот, како и многу други македонски семејства, вклучително и моето“.

Рашела Мизрахи од говорницата покажуваше фотографии од нејзиното семејство кое беше убиено во Треблинка и од неколку народни херои

Тој рече дека „никогаш, ама баш никогаш не сум кажал дека Бугарија била администратор во Македонија. Администрацијата или тогашната власт во Бугарија се приклучи на Третиот Рајх. Не може цела Бугарија и нејзините поколенија да ги правите фашистички“.

Според него, прашање е дали сега треба да зборуваме со наратив кој ќе ги повредува соседите, како што зборуваше Мизрахи и дали е тоа „опционата перспектива за нашата земја“. Заев потоа рече: „Јас можам да бидам 10 пати поголем квази патриот од вас, да се удирам во градите со однапред подготвени дискусии, ама мојот народ треба да седи во балканското сивило додека сите други народи ќе одат напред. Мора да зборуваме со европски јазик. Но тоа не значи дека се откажуваме од минатото. Тоа е нашата гордост, на нашата тага, но и извор на нашата сегашност и иднина. Европа е создадена од пепелот на фашизмот и со горчината на изгубени цели генерации“.

Потоа тој наведе дека народниот херој Благој Јанков од Струмица бил предаден од пет македонски семејства кај кои се криел и потоа бил убиен од фашистичкиот окупатор. „За тоа ли ќе зборуваме. Фашизмот е карактеристика на поединецот а не на цели нации. Нашиот народ не треба да заборава, ниту да простува, но треба да ја градиме иднината. Не можете да зборувате за цели нации – Бугарија, Германија, цела Италија. Не зборувате за Германија; каде беше таа цело време. Нив ги уби фашист“.

Сакајќи да ги расчисти сите дилеми околу неговите ставови, Заев порача: „Бугарија не била администратор, туку окупатор од тогашната бугарска администрација и влада“. (Н.В.)