Заев до Фон дер Лајен: Не ни треба Европа без идентитетот


Премиерот Зоран Заев ѝ порача на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен дека Македонија ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина само доколку прашањата на идентитетот и јазикот наметнати од Бугарија не бидат на масата за преговори.

„Македонскиот идентитет освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност“, ѝ рекол Заев за Фон дер Лајен, според соопштението на владината прес-служба.

Ова е досега најсилната порака испратена до челниците на ЕУ и то во Брисел дека Македонија и по цена на европската перспектива нема да се откаже од нејзините клучни прашања – јазикот и идентитетот. Иако таа исполни сѐ што бараше од неа Европската унија, освен потребните реформи го смени и името.

Заев побарал од Европската комисија да се вклучи поактивно во изнаоѓање решение за деблокада на процесот за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија.

Фон дер Лајен изјавила дека ЕК посуштински и попосветено ќе се ангажира во решавањето на овој проблем и тој не смее да го одложи стартот на преговорите со Македонија за членство во ЕУ. Таа потврдила дека се залага за двете земји, Македонија и Албанија, заедно да ги продолжат преговорите без натамошно одлагање.

Портпаролот на Европската јомисија, Ерик Мамер, за МИА изјави дека на средбата Фон дер Лајен ја повторила нејзината поддршка за отпочнувањето на преговорите со Северна Македонија, за кое ЕУ даде зелено светло пред повеќе од една година, но кои не можат да се материјализираат поради ветото на Бугарија.

Претседателката и премиерот Заев отвориле низа теми од интерес за двете страни, рече Мамер.

„Таа ја потврди нејзината поддршка за отворањето на преговорите со Северна Македонија и ги поздрави реформите во Северна Македонија во рамките на процесот на зачленување и даде охрабрување тие да продолжат. Стана збор и за поддршката што ја дава ЕУ во напорите во борбата против Ковид-19 вклучително и дистрибуцијата на вакцини“, рече Мамер.

Фон дер Лајен на Твитер објави дека „ЕУ стои покрај Северна Македонија во ова тешко време, вклучително и со споделување на вакцини. Ја потврдив нашата силна поддршка за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија“.

Фон дер Лајен и Заев разговарале и за економските и инфраструктурни проекти кои Европската комисија сака да ги поддржи во Македонија, како изградбата на железничка, гасоводот и проекти поврзани за зелената агенда на ЕУ за обновливи енергии.