Заев до фирмите: Ви дадовме помош, фер е да ги задржите работниците

Лидерот на СДСМ Зоран Заев испрати честитка по повод Меѓународниот ден на трудот во која упати апел да се вложат напори за зачувување на работните места и за достоинствен приход.

– Поради глобалната пандемија од коронавирусот, оваа година, Денот на трудот го одбележуваме во несекојдневни, вонредни околности, во кои солидарноста, тој взаемен однос кон другите, кон работниците е темел на нашиот морал. Целиот свет покажа солидарност, ретко видена досега – тоа се случува и кај нас. Пред се’, граѓанките и граѓаните со почитување на мерките за заштита се солидаризираа со сите оние кои се во првите линии на борба со вирусот. Многумина изнајдоа креативни начини како да изработат заштитна опрема за нашите здравствени работнички и работници и многумина од нив тоа го направија бесплатно. Голем број индивидуи и компании донираа храна за најзагрозените семејства.  Државата се погрижи секторите кои беа најмногу погодени да добијат директна финансиска помош со која ќе се задржат работните места, вели Заев во честитката.

Порачува дека фер и праведно е сега фирмите да им обезбедат достоинствен приход на своите работници и да ги задржат на работа, преку помошта обезбедена од државата.

– Оние компании кои непречено функционираа и за време на кризата, фер и праведно е да ги наградат своите вработени кои и во вонредни околности посветено работеле и создавале.
Тоа е солидарност, тоа е праведност. Напредокот ќе го обезбедиме само ако работниците во нашата земја се вреднувани, мотивирани и почитувани, работници кои се сигурни и заштитени на своите работни места, истакнува Заев.

Со порака дека работниците се моторот на македонската економија, Заев им се заблагодарува за напорите што ги правиле и за покажаната солидарност.

– Да продолжиме заеднички да се справуваме со кризата што го опфати целиот свет и сигурно ќе ја извојуваме најголемата победа со тоа што ќе ги задржиме работните места, вели Заев во честитката испратена по повод 1 Мај.