Заев, Димитров и Османи на онлајн средба со Борел
Првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ ќе биде позитивен сигнал и до целиот регион, истакнале премиерот Зоран Заев, вицепремиеот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, на денешната онлајн средба со високиот претставник за надворешна политика и за безбедност, и потпретседател на Европската Комисија Жосеп Борел.
Средбата е дел од серијата онлајн состаноци со највисоките претставници на институциите на ЕУ што се договорени за денеска и кои вклучуваат разговори и со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, и со еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји, соопшти владината прес-служба.
На онлајн средбата со високиот претставник и потпретседател на Европската Комисија Жосеп Борел, премиерот Заев упати благодарност за личниот придонес на потпретседателот на ЕК Борел за пристапниот пат на Северна Македонија во ЕУ, при што ја издвои одлуката на Советот на ЕУ во март да отпочнат преговорите за членство на земјава во Унијата со што се означи новата ера во меѓусебните односи.
Заев изрази надеж дека оваа поддршка ќе се формализира и со усвојување на Рамката за преговори на почетокот на идниот месец, по што ќе следува и првата меѓувладина конференција до крајот на годината.
– Одржувањето на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија и ЕУ ќе испрати позитивен сигнал и до регионот и ќе ја потврди европската перспектива на Западен Балкан како гео-стратешки интерес на Европската унија, потенцираше премиерот Заев на онлајн средбата со високиот претставник и потпретседател на Европската Комисија Жосеп Борел.
Македонија останува посветена на негување на добрососедските односи со континуирана имплементација на Договорот од Преспа и на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија кои донесоа нова енергија и придонесоа за обновување на интензитетот за проширување на ЕУ со земјите од регионот.
Заев истакна и дека новата коалициска влада и сите институции се целосно функционални и посветени на континуитетот на реформите и на остварувањето на резултати од владеењето на правото и на борбата против организираниот криминал и корупцијата како најголем приоритет.
– Постигнатите важни резултати во зајакнувањето на независноста на судството, донесувањето на Законот за јавно обвинителство, како и резултатите од истрагите и конечни пресуди за случаи на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво, се регистрирани и во годишниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија, и понатаму ќе бидат наш фокус со отворена покана за вклучување на опозицијата во Парламентот, како и низ дијалог со граѓанското општество и нашите меѓународните партнери, е истакнато од македонска страна во онлајн разговорите со Борел.
На онлајн средбата како исклучително значаен е оценет Економскиот и Инвестициски план за Западен Балкан, кој е од голема важност за поддршка на развојот на приватниот сектор, транспортното и енергетско поврзување, дигитализацијата, зелената агенда и социјалните инвестиции во регионот.
Цврстата заедничка поврзаност на ЕУ со Република Северна Македонија, рече премиерот Заев на онлајн средбата со Борел, се потврди и во поддршката на земјата во заеднички одговор за справување со последиците од КОВИД-19 и придонесе за зацврстување на врските со ЕУ.
Високиот претставник за надворешна политика и за безбедност, и потпретседател на Европската Комисија Жосеп Борел, истакна за Брисел е исклучително значајно што продолжува интензивната соработка со влада која е докажано посветена на интегративниот процес на Северна Македонија во ЕУ, и дека очекува колку што е можно поскоро одржување на првата меѓувладина конференција за, како што посочил, заедничко градење на иднината.