Заев: Децентрализацијата ќе ги зајакне капацитетите на општините


Премиерот Зоран Заев денеска од собраниската говорница, одговарајќи на прашањето што е договорено на последниот состанок на ЗЕЛС околу можноста за зголемување на даноците што ги собираат општините и за преземање на надлежностите над домовите за култура и за центрите за социјални работи, изјави дека работни групи ќе треба да утврдат кои општини се подготвени за овој вид на децентрализација со крајна цел до септември да има одредени предлози за дебата.

– Драго ми е што сите сме согласни дека треба да се спроведе децентрализацијата, заради додемократизација на општеството, но се надевам дека ќе ги јакнеме општините. Тие должеа 6,1 милијарди денари или 100 милиони евра. Ние дадовме 50 милиони евра, а комуналните претпријатија должат некаде околу 7,5 милијарди денари. Тука се и други установи кои се под нив со долг од два до три милјарди денари. Уште треба да ги помагаме, да ги раздолжуваме. Како тоа ќе го правиме? Ја користам приликата да го информирам Парламентот дека 70 милиони евра ќе повлечеме пари за локални патишта кои се во надлежност на општините и државата ќе ги имплементира заедно со општините, но тие ќе можат да имаат ресурс и да вратат дел од старите долгови кои ги имаат, рече Заев.

Нагласи дека важно е општините да можат да направат проценка на данокот на имотите кој изнесува 0,1 отсто и да ја подобрат наплатата од овој данок. Клучно е, рече, тие да бидат подготвени со капацитетите, со легислатива односно законски решенија.

– Не е намерата да поделиме пари и да ги зајакнуваме градоначалниците. Целта е надлежности со пари. Ние дадовме 50 милиони и половина од долговите се расчистија и ги врзавме да не генерираат нови долгови преку новиот закон туку да можат да ги јакнат своите капацитети, рече Заев.