Заев: Датум за преговори што поскоро за нас е клучно, јасната европска перспектива ќе ја врати довербата во евроинтеграцискиот процес


,Доделувањето на датум за преговори што е можно поскоро, за нас ќе направи огромна разлика. Имаме целосна доверба дека лидерите на земјите членки ќе смогнат сили, ќе преземат одговорност и ќе ни дадат јасна европска перспектива, со што ќе ја вратат довербата во евроинтеграцискиот процес’’, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на конференцијата од политичката академија на Прогрес Институт за социјална демократија, на која присуствуваа и европратениците Тања Фајон, Илхан Кјучук и Тонино Пицула.

Во своето обраќање Заев посочи дека Европската комисија е мотивирана да ја поправи историската грешка кон Северна Македонија и затоа пред неколку дена го објави предлогот на новата методологија за пристапување на земјите од Западен Балкан, како суштински чекор во приближување на нашата земја до европското семејство.

„Ние го поздравуваме и веруваме дека предлогот значително ќе го подобри процесот на пристапување и ќе ја врати довербата и на лидерите на земјите од Западен Балкан, и на лидерите на земјите членки на Европската унија во мериторноста на истиот. Сепак, морам да нагласам дека за нас тајмингот е клучен“, истакна Заев.

Заев се осврна на големите постигнувања за неполн мандат од три години, во кој од киднапирана земја длабоко потоната во внатрешна политичка криза и меѓународна изолација, станавме земја која гради европска иднина, развива пријателски односи со своите соседи, и создава услови за стабилна, демократска, економски силна и просперитетна држава.

„Вложивме натчовечки напори, и успеавме да ја вратиме земјата на прав пат, на патот кон Европската Унија и НАТО, и светот тоа го препозна. Горд сум што ја искористивме уникатната можност која се отвори пред нас и ги надоместивме 11-те изгубени години“, нагласи тој, оддавајќи признание и на европските партнери и пријатели кои континуирано даваат поддршка на евроатланскиот пат.

Претседателот на СДСМ потсети дека во изминатиот период, земјава беше препознаена како мотор на развој на регионалната соработка преку затворањето на сензитивни прашања со соседите, а успехот на Северна Македонија е сместен во 20 најголеми достигнувања на Европската комисија во текот на петгодишниот мандат.