Заев: Да покажеме човечност и да им пружиме рака на бегалците од Авганистан
Да покажеме човечност и да им пружиме рака на авганистанските бегалците кои деновиве се очекува да пристигнат во нашата земја, порача денес премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања во ТИРЗ каде што беше одбележан почетокот на нова инвестиција.
Тој рече дека Авганистан била една од првите земји кои покажале солидарност по скопскиот земјотрес во 1963 година, а Северна Македонија како земја која учествувала во мировните мисии во Авганистан уште од 2002 година, сега кога на авганистанците им е најтешко, треба да им понуди гостопримство.
„Станува збор за миротворци, за луѓе кои што работеле во меѓународни агенции, за новинари, интелектуалци, жени, деца…“, рече Заев, кој додаде дека нашата земја никој не ја натерал, туку самата се понудила да згрижи дел од овие луѓе. Тој рече дека бројката која што до сега е договорена за прифаќање на околу 450 лица може да се промени за нови 50-70 или 90 лица доколку се покаже таква потреба.
Веќе се знае каде ќе бидат сместени бегалците од Авганистан, објасни Заев, додавајќи дека нашата земја ќе го обезбеди превозот од аеродромот до хотелите, како и бесплатна вакцинација за оние кои што се уште не се вакцинирани (повеќето од нив биле вакцинирани со оглед дека работеле за странски мисии и компании во Авганистан), потоа на бесплатен здравствен преглед на сите на кои тоа им е неопходно, како и бесплатно ПЦР тестирање.
Трошоците за нивно сместување ќе ги платат соодветните институции и организации и САД, но Владата донесе одлука да биде готова да превземе дел од тие трошоци и после да бидат рефундирани.
„Како што соопшти владата ние донесовме одлуки, да ги прифатиме сите овие граѓани кои што доаѓаат на однапред објавени листинзи со нивни податоци, тоа се луѓе кои биле локален персонал на Обединетите нации и членови на нивните семејства, на Националниот демократски институт, на фондацијата Отворено општество, на НЕТ, капата на организациите од САД и тн.,“рече Заев. „Тоа е на крајот и наша обврска, тоа е прашање на принцип , на човечност и прашање на хуманост“, нагласи Заев.