Заев: Брзи избори, граѓаните да донесат одлука


Премиерот Зоран Заев по дебаклот во Брисел и недобивањето датум за почеток на изборите побара брзи предвремени избори на кои граѓаните ќе го кажат својот став. Дали се, како што рече, за продолжување по вистинскиот пат на европските вредности или кон мрачниот пат на поделби, конфликти и изолација. Тоа барање премиерот ќе го изложи на утрешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски.
„Сериозниот миг бара сериозна одлука. Ја преземам врз себе разочараноста на својот народ. Се исправам пред вас и порачувам дека европскиот сон нема да биде срушен. Одговорно се исправам пред вашата одлука. Сега е потребен вашиот став. Немаме време за губење. Да организираме брзи предвремени избори. Избори најбрзо што може. Вие граѓаните да донесете одлука и потврда за патот по кој треба да продолжи нашата земја. Тоа ќе биде мојот предлог и на лидерската средба кај претседателот. Подготвен сум за јасен, нов и чист мандат. Да градиме европска држава, да ја развиваме економијата без разлика дали Европската унија ќе се согласи да ги отвориме поглавјата или не“, рече Заев на прес-конференција во Владата.

Според него во Брисел се случила голема неправда, Европа не ни го испорача тоа што ни го вети. „Испорачавме резултати во рефромите и ги решивме споровите со соседите. Тоа што не успеа да донесе одлука е нивна историска грепшка. Направивме се што требаше и се што можевме. Сакам да се заблагодарам на огромното мнозинство европски лидери кои до крај се бореа за нас. Факт е дека сме жртви на историска грешка и тоа кај сите нас предизвикува огорченост. Епилот е последица на нивни нерешени внатрешни работи. Таа одлука не можевме да ја промениме“, рече Заев.