Заев – Блер: „Отворен Балкан“ ѝ покажува на ЕУ дека Македонија, Србија и Албанија се сериозни на европскиот пат
Премиерот Зоран Заев денеска го прими поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер, кој на средбата ја истакна како исклучително значајна иницијативата „Отворен Балкан“ и потенцираше дека целите кон кои се стреми овој проект за поврзување на регионот во заеднички пазар и на многу други нивоа ќе им донесе многу придобивки на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија и ќе биде акцелератор на процесот за членство на овие земји во ЕУ.
Како што соопшти владината прес-служба, тој додаде дека „Отворен Балкан” е иницијатива спротивна на националистичките агенди и дека со ова трите земји предводнички јасно и покажуваат на Европската Унија дека се сериозно посветени на иднината и на европскиот пат.
Поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер, се наведува, информираше дека во Скопје доаѓа во име на неговиот Институт за глобални промени кој во својот фокус ја има поддршката за технолошки развој на земјите кои имаат амбиции да бидат компетитивни и да бидат во чекор со технолошки напредните земји.
-Премиерот Заев ја оцени како добредојдена и правовремена посетата на Тони Блер на нашата земја и на регионот, особено во контекст на определбата за забрзана дигитализација на земјите иницијатори на „Отворен Балкан“, како неопходен чекор за остварување на целите на иницијативата, се посочува во соопштението.
На средбата, се додава, беше истакната и придобивката што со дигитализацијата може да ја добие Северна Македонија во делот на менаџирање со податоци при справувањето со КОВИД-19, односно за ставањето во функција дигитални дата бази за регистрирање и верификација на граѓаните кои се вакцинирани со цел нивна побрза мобилност низ целиот свет.